Нова пресметка на скопските наркокланови. Раде Трајчевски Штекли третпат преживеа обид за ликвидација. Поранешни полициски структури велат дека тој е високо на листата за ликвидација и оти тешко дека ќе се искупи кај ривалите од криминалното подземје
Силна експлозија на бомба ги вознемири жителите на скопската населба Ќерамидница, некои од нив првично мислеле дека нешто се случило во топланата или во гасната централа, кои се наоѓаат во непосредна близина на куќата каде што експлодирала направата. Вознемирени веднаш излегле од збиените куќи на тесните улички и брзо сфатиле дека станува збор за бомба. Не сакаа многу да зборуваат за својот сосед Раде Трајчевски, во чиј двор беше фрлена бомбата. Само еден од соседите ни пријде и ни ја покажа пораката што му ја испратил повредениот од болница: „Не ми е ништо, само сум изгребан” – му напишал Штекли, кој пак повторно го преживеа обидот за ликвидација. Повреден е со изгореници и се наоѓа на лекување во градската болница. Од болницата за весникот ВЕЧЕР велат дека е надвор од животна опасност и оти ќе остане во болница заради натамошни испитувања.
И тука како и пред неговата куќа имаше силно полициско обезбедување. Екипата за увид ја постави полициска лента околу куќата, собра трага од самото местото, се распрашуваше во соседството. На куќата каде што беше фрлена бомбата можеше да се забележи безбедносна камера, па во истрагата веројатно ќе се прегледуваат и снимки.
Тошковски: МВР сурово ќе одговори на криминалните банди
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, потврди дека при експлозија на бомба повреден е Раде Штекли, во јавноста познат како припадник на криминалното подземје. Тошковски кажа дека лошо е што криминални банди хараат и денес и оти МВР сурово ќе одговори против оние кои ги вознемируваат македонските граѓани.
„Запознат сум со случајот, добро е што нема мртов, а лошо е што криминалните банди си хараат и денес. Со последниот случај на истрага против двајца полициски службеници кои оддавале тајни информации од полициски акции на криминални групи покажавме дека имаме капацитет да одговорите во борбата против криминалот. Со камерите од проектот „Сејф сити“ и побрзо ќе отвориме војна против криминалците“ – изјави министерот за полиција.
На новинарско прашање зошто полицијата не им влегува во траг на криминалците бидејќи заканата кон Штекли била објавена на социјалната мрежа Тик-ток, министерот кажа дека прашањето било наместо, но тој рече дека искрено ќе одговори дека: „полицијата ќе одговори согласно со капацитетите“.
ТИК-ТОК: “стиже катаклизма, љуби те брат!
Пред неколку дена на социјалната мрежа било постирано видео со наслов, Скопје, Ќерамидница, карши „Ист Гејт“! Стиже катаклизма, љуби те брат. На видеото бил означен токму Штекли, а не е првпат криминални банди да најавуваат пресметки преку Тик-Ток.
Ова не е прв обид за ликвидација на Штекли кој во јавноста е познат како дел од криминалното подземје. Претходно два пати ги преживеа куршумите на кои „стојат негови иницијали“. Првиотпат не беше повреден, бидејќи управувал со блиндирано возило. Пукањето се случи во гаражите на трговскиот центар. Возилото со кое се превезувале лицата кои пукале беше пронајдено запалено кај езерото Треска. Вториот пат го спасил безбедносниот појас, заврши во болница со 4 куршуми, а потешко помина неговиот придружник.
Ѓурчевски: Преминување од еден клан во друг, е “смртен грев“
Дали Штекли ќе се спаси од евентуален нов обид за убиство, поранешниот полициски началник Љубомир Ѓурчевски одговара негативно. Според него, Штекли не може да си ги избави „гревовите“, од криминалната група Дуќанџик за штетата што им ја направил со преминување на другата страна, во кланот наречен Беланоца.
„Тој е на листата за ликвидација и може да преживее само ако избега на Северниот Пол или во Северна Кореја. Нема прошка кај криминалните банди за штетата која им ја причинил, зборот помилување кај нив не постои,, вели Ѓурчевски и решението го гледа во враќање на полициските алфи на скопските улици бидејќи очигледно било дека интервентната полиција не го даде саканиот ефект.
„Единицата Алфи имаше за цел борба против уличниот криминал, тоа беа полицајци во цивилки и користеа необележани возила и ги познаваа и најситните криминалци. Полицијата мора сразмерно да одговори на насилниот криминал, со силна оператива помеѓу двата клучни оддели, за борба против насилниот криминал и тој за недозволена трговија со дрога“ – вели поранешниот полициски началник и додава дека во МВР мора да се направи чистка на „кртовите“, бидејќи и петмина да се, прават штета врз работата на 150 професионалци.
Ѓурчевски заклучува дека сè додека криминалните банди се чувствуваат безбедно поради слабата казнивоста, ќе биде ставена во прашање безбедноста на граѓаните.
Нацев: нова епизода во неуспешниот серијал за ликвидација
Дека Штекли е високо на листата за ликвидација вели и професорот за безбедност на Европски факултет, Александар Нацев.
„Тоа го потврдуваат и јавните закани кон него објавени на социјалните мрежи. Токму затоа овој напад можеме да го гледаме како нова епизода во тој, засега неуспешен серијал на обид за убиство на ова лице. Потребна е брза реакција од МВР и разрешница на случајот пред македонските граѓани да станат сведоци на нови одмазнички акции“, – порачува Нацев.
Кој е Раде Трајковски?
Раде Трајковски-Штекли се поврзуваше и со истрагата за убиството на младиот фудбалер Мартин Јанушев. Тој беше екстрадиран од Белград и одлежа 6-месечна затворска казна во Шутка, но за друго дело. По првичните сомнежи, во истрагата за убиството не беа најдени докази за Трајковски и тој не беше обвинет.
Штекли беше уапсен во Атина во 2011-та како осомничен за местење на фудбалски натпревари во Италија каде и му се судеше за малверзациите во калчо лигата. Последната пресметка на криминалното подземје беше повод за партиски реакции, од СДСМ го окфалификуваа Тошковски како неспособен да се справи со криминалците и да ја осигура безбедноста на граѓаните.
„Само во еден месец, октомври, за неполн месец, 5 инциденти со пукање и огнено оружје, а над 25 вооружени инциденти се случија во изминатите 4 месеци. Имаше пукање од автоматско оружје во Чаир а пред тоа пукање на Скопската обиколница, две недели претходно имаше исто така пукање во Чаир, каде што директно беше вмешан и помилуваниот наркобос, Барон. Се пукаше и во Арачиново, Батинци, Сингелиќ, на пластичарската улица, во Тетово, се случи и убиство кај Мавровка, набројуваат од опозициската СДСМ.
Министерот Тошковски веднаш по експлозијата соопшти дека при преземањето на функцијата иако начекал катастофална состојба во МВР во поглед на организацијата и ресурсите сепак со голема посветеност постигнати биле поголеми резултати од претходно во борбата со организираниот криминал и корупцијата.
(П.А.)