Со зголемување на температурите, иако сè уште официјално не започнало летото, се забележува зголемување на потрошувачката на вода. Ова го потврдија од јавното претпријатие „Водовод и канализација“ и од ЈКП „Гази Баба 2007“.

Од ЈП „Водовод и канализација“ велат дека производството на вода за мај 2024 година е во просек на минатите години, додека за јуни 2024 година е со благ пораст од 10 % во однос на минатите години за тој период.

Од јавното претпријатие „Водовод и канализација“ не одговорија колкава е потрошувачката на вода во овој период, но нагласуваат дека, најчесто, зголемената потрошувачка на вода е покарактеристична за руралните средини, иако, како што велат, се забележува зголемена потрошувачка на вода и во градските населби.

Оттаму апелираат до граѓаните, односно до сите корисници на нивните услуги, рационално и одговорно да ја употребуваат водата за пиење и совесно да се однесуваат кон природните ресурси.

И екипите на ЈКП „Гази Баба 2007“, во соработка со Инспекторатот на Општина Гази Баба, извршија ненајавени контроли во селото Смилковци, чија цел е откривање на евентуална злоупотреба на водните ресурси.

По најавата и спроведените теренски контроли за евентуална злоупотреба на водата за пиење, состојбата со водоснабдувањето во Раштак е надмината и во моментов има прелив во двата резервоара. Во наредниот период, контролите ќе продолжат, а во тек се и интервенции во мрежата, со кои ќе се подобри снабдувањето со вода во највисоката зона во ова населено место.

Од ЈКП „Гази Баба 2007“ информираат дека во наредниот период, ќе продолжат контролите во сите населени места каде што надлежност над водоснабдувањето има ова јавно претпријатие.

– Периодот вршиме проверка на тоа каде има диви приклучоци. Ќе направиме анализа од визуелното исчитување на водомерите за да видиме на што се должи зголемената потрошувачка на вода. Дали е тоа злоупотреба на водните ресурси или, пак, се должи на нешто друго – изјави директорот на ЈКП „Гази Баба 2007“, Игор Атанасовски. 

 

Тој потенцира дека водата е општо добро и затоа треба да ја штедиме и правилно да ја употребуваме.

– Водата не треба и не смее да се злоупотребува – децидни се од ЈКП „Гази Баба 2007“.

Жителите во Европската Унијата, во просек, трошат по околу 125 литри вода дневно, додека македонските граѓани по 323 литри дневно. Во летниот период, бројките се повисоки и покажуваат дека скопјани трошат по над 500 литри дневно, а во рекордните денови – и над 640 литри дневно.

Реконструкција на водоводната мрежа на улицата „Лисец“ во Аеродром

Во насока на подобрување на водоснабдувањето, Град Скопје и јавното претпријатие „Водовод и канализација“ ги продолжуваат градежните работи за реконструкција на водоводната мрежа на улицата „Лисец“ во Аеродром. Со реконструкцијата се врши двојно зголемување на досега незадоволителниот профил на водоводните цевки, со цел обезбедување квалитетно и континуирано водоснабдување за жителите во тој дел од Општината.

– Со реализација на овој проект за обнова на водоводната мрежа, се решава уште еден долгогодишен проблем, каде што досега, поради дотраеност и несоодветност, имаше појава на дефекти на старата водоводна мрежа и чести прекини во водоснабдувањето.

(А.П.)