Македонскиот скијач Ставре Јада, како наш претставник на Светското првенство во нордиско скијање во Трондхејм, Норвешка, успеа да обезбеди квота за учество на Зимските олимписки игри 2026 во Милано.
Во исклучително силна конкуренција на светската елита, Јада ги извозе квалификациските трки со огромна борбеност и желба за успех. На 27 февруари, на квалификациската трка, го зазеде 126-то место од 182 натпреварувачи, додека на 10 км класичен стил се пласираше на 107-то место. Во тимскиот спринт на 1.3 км, забележа одличен настап и се најде на 41-то место.
„Овој резултат е доказ за упорноста, трудот и посветеноста на македонските скијачи, кои и покрај сите предизвици, чекорат храбро напред кон светската сцена. Јада не само што стекна уште едно непроценливо искуство на најголемата сцена во нордиското скијање, туку и го постави темелот за македонскиот настап на Олимписките игри во Милано 2026! Со македонскиот борбен дух и несебична посветеност, продолжуваме да ја пишуваме историјата на нашето скијање!“, порачаа од Скијачката федерација на Македонија.