Општина Крива Паланка е првата општина во државата што Статутот го приспособи и за лицата со попреченост, со оштетен вид и слух, а адаптирањето е извршено во рамки на проектот „Пристапна и отворена општина“ (Ништо за нас-Без вас“) што го изработи здружението „Хендикеп плус“, во соработка со Општината и со финансиска поддршка од Бугарската помош за развој.
Статутот има аудиоформат, изготвен е со Брајово писмо и знаковен јазик, а во таков формат е достапен на општинската веб-страница www.krivapalanka.gov.mk.
-Горди сме да го промовираме Статутот кој како документ во форма што можат да го користат и лицата со попреченост за првпат е направен на Балканот. Истовремено, Крива Паланка е и прва општина која има формирано Совет на заедницата со попреченост, кој веќе има поднесено неколку иницијативи до локалната самоуправа – изјави Бранкица Димитровска, претседателка на „Хендикеп плус”.
Новиот амбасадор на Бугарија во земјава, Жељаско Радуков, истакна дека обврска на општините и државите е да создаваат услови за да може да се искористи капацитетот на лицата со попреченост.
– Само со соработка и заеднички активности можат да се направат системски промени во заедниците за достојно место на лицата со попреченост. Ние ги поддржуваме ваквите иницијативи и се надевам дека и во иднина ќе соработуваме – рече Радуков.
Целта на проектот „Пристапна и отворена општина” е да се обезбедат социјални промени иницирани од лицата со попреченост за потранспарентно, одговорно и инклузивно владеење на правото.