Утре и официјално стартува претседателската кампања во која седум кандидати за три недели ќе се обидат во најдобро или најрозово светло да се претстават пред граѓаните со цел да го добијат нивниот глас, кој еден од нив ќе однесе на посакуваната дестинација – Вила Водно. Гласањето за прв круг е на 24 април, а евентуалниот втор и речиси извесен круг ќе се одржи на 8 мај. Кампањата за претседател ќе трае помалку од еден месец и ќе заврши на 22 април на полноќ, кога почнува молкот за претседателските избори.
За претседател, во дресот на СДСМ и коалицијата ќе се трка актуелниот претседател Стево Пендаровски, Гордана Силјановска-Давкова, пратеничка и професорка која е поддржана од најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ; Бујар Османи, актуелен министер за надворешни работи, кандидат на владејачката ДУИ, Билјана Ванковска, професорка на Филозофскиот факултет во Скопје, како кандидатка на партијата Левица, Арбен Таравари, градоначалник на Гостивар, кандидат на опозициската коалиција на албанските партии „Вреди“, Максим Димитриевски, градоначалник на Куманово, кандидат на ЗНАМ и Стевчо Јакимовски, градоначалник на скопската општина Карпош и лидер на ГРОМ, зад кој застана коалицијата Храбро за Македонија.
Стево Пендаровски ја започнува кампањата под слоганот “Наш претседател”, Гордана Силјановска Давкова со “Македонија повторно Горда”, Бујар Османи со “Европски преседател” и Максим Димитриевски со слоганот “МаксимУм”.
Инаку, сите кандидати, освен Стевчо Јакимовски во вторникот, во ДИК, го потпишаа Кодексот за фер и демократски избори. Јакимовски рече дека ќе го почитува кодекот, но нема да го потпише зашто смета дека кандидатите од помалите партии се дискриминирани со паричната поддршка, но и зашто беа откажани мастер дебатите на претседателските кандидати што ги иницираше Изборниот штаб на претседателскиот кандидат Стево Пендаровски.
На изборното ливче Пендаровски го доби бројот 1, број 2 Гордана Силјановска-Давкова, бројот 3 – Стевчо Јакимовски, четворката му припадна на Бујар Османи, Билјана Ванковска на избирачкото ливче е под бројот 5, Арбен Таравари е со бројот 6, а кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски настапува на изборите под бројот 7.
Во меѓувреме течат или финишираат и другите активности што се преземаат со цел да се спроведе фер и демократски процес на двојните избори на 24 април и на 8 мај.
Согласно со роковникот за подготовка на изборите, во вторникот на полноќ истече и рокот за доставување на листите за кандидати за пратеници до Државната изборна комисија за парламентарните избори на 8 мај.
До полноќ на 2 април во Државната изборна комисија – ДИК се поднесени 17 листи за кандидати за пратеници. Листи за пратеници за сите шест изборни единици поднесооа 13 партии или коалиции: Коалицијата на СДСМ, Коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, Движење ЗНАМ – За наша Македонија, Политичка партија Родина, Работничка партија, Храбро за Македонија – ГРОМ, Македонска ера – Трети суверенисти, Левица, коалицијата Европски фронт – на ДУИ, Колицијата на албанските опозициски партии Вреди – Беса, Политичка партија Демократи,Политичка партија Единствена Македонија, и Политичка партија Десна.
Останатите четири коалиции и партии, кои ќе учествувата на парламентарните избори, доставиле листи за кандидати за пратеници во неколку изборни единици.
Меѓу нив е политичката партија Нова алтернатива на градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска. Поднесена е и листа од Група избирачи Ѓула Челику, која влез во парламентот ќе очекува само во шестата изборна единица. И уште една нова партија на Ромите Аваја во вторникот поднела кандидатски листи за пратеници и тоа за изборните единици три, четири, пат и шест. За пратеници во Собранието ќе се тркаат и политичката партија Твоја партија која поднела кандидатски листи за првата, втората, третата и четвртата изборна единица.
Овие парламентарни избори ќе бидат единаесетти во повеќепартиска Македонија. Во шест изборни единици ќе се добијат по 20 пратеници за новиот парламентарен состав.
И на овие избори нема да има тројца пратеници избрани од дијаспората, со оглед дека за гласање во дипломатско конзуларните претсавништва во странство не се пријавија доволно гласачи, државјани на Македонија.
Согласно со измените на Изборниот законик, донесени во понеделникот, редоследот на гласачкото ливче на коалициите и партиите кои имаат свои претседателски кандидати ќе биде ист како и за претседателските избори, додека за останатите партии ќе се изврши дополнително жребување во Државната изборна комисија.
Кампањата за парламентарните избори почнува на 18 април и завршува на 6 мај. За првпат досега ќе има преклопување на кампањата за претседателските и за парламентарните избори.
ДИК: за претседател можат да гласаат 1.814.317 лица, а за парламентарните избори 1.815.350 избирачи
Државната изборна комисија на седница во вторникот го заклучи Избирачкиот список за спроведување на претседателските и парламентарните избори.
Оттаму информираа дека за изборите за претседател на државата на 24 април запишани се 1.814.317 избирачи, додека за парламентарните избори закажани за 8 мај запишани се вкупно 1.815.350 избирачи во Избирачкиот список.
Потпретседателка на ДИК, Дитмире Шеху, изјави дека од 1.814.3177 избирачи, колку што вкупно се запишани во Избирачкиот список за претседателките избори, во изводите од Избирачкиот список за гласање во државата се запишани 1.713.758 избирачи.