Во недела наутро (5 часот) стартува новата сезона во Формула 1, а оваа година има нови правила кои тимовите мораат да ги почитуваат. Меѓу најважните се:

Повеќе нема бод за најбрз круг

Од оваа сезона, возачот кој ќе постави најбрз круг на трка повеќе нема да добива дополнителен бод. Оваа промена доаѓа по неколку контроверзии што се случија во последните години. На пример, минатата година во Сингапур, сестринскиот тим на Ред Бул го испрати Даниел Рикардо да го постави најбрзиот круг, одземајќи му бод на Ландо Норис, кој беше во битка за титулата со Макс Верстапен.

Иако овој систем имаше свои посебни моменти, како што се „бесплатните“ застанувања во боксот, Ф1 реши да го укине овој дополнителен бод бидејќи стана предмет на шега и беше премногу лесно да се освои.

Промена на стартната позиција

Дождот за време на Големата награда на Сао Паоло во 2024 година предизвика одложување на квалификациите, а одлуката за стартните позиции стана збунувачка. Новите правила за 2025 година јасно дефинираат како ќе се одредува стартната позиција во случај да не се одржат квалификациите – редоследот ќе се одредува врз основа на моменталната состојба на шампионатот.

Променети се и правилата за загревачките кругови. Возачите кои тргнуваат од пит-лејнот сега ќе треба да учествуваат во кругот за загревање, што беше забрането минатата година.

Ладење на возачот

Екстремните горештини за време на Големата награда на Катар во 2023 година оставија сериозен впечаток во светот на Ф1. Возачите се пожалија на здравствени проблеми, а Логан Сарџент дури реши и да се повлече од трката поради болест. ФИА реагираше и воведе правило за ладење на возачот.

Од 2025 година возачите ќе можат да користат панталони за ладење кога температурата ќе надмине 30,5 степени Целзиусови. Иако ова правило нема да биде задолжително до 2026 година, доколку возачот одлучи да не користи панталони за ладење, ќе мора да носи дополнителни 500 грама баласт. Баластот ќе биде поставен во пилотската кабина за да се спречат какви било прилагодувања на болидот во корист на тимовите.

Зголемување на минималната тежина

Минималната тежина на болидите во Формула 1 постојано се зголемува веќе неколку години. Причината за тоа се тешките V6 хибридни мотори, кои беа претставени во 2014 година. За сезоната 2025 минималната тежина на болидот без гориво ќе се зголеми од 798 на 800 килограми.

Оваа промена доаѓа поради зголемувањето на минималната тежина на возачот, која се зголемува од 80 на 82 килограми. Ако возачот тежи помалку од 82 килограми, ќе се додаде дополнителен баласт во олидот за да се обезбеди рамнотежа.

ИЗДВОЕНИ