„Очекуваме до крајот на наредната година да завршат работите на Театарот и да започне одржувањето на претставите“, вели в.д. директорот на Заводот и музеј Струмица, Бранко Ѓоргиев. Како капитални проекти, тој ја посочи црквата „Свети Кирил и Методиј“, како и зафатите што треба да се реализираат во манастирскиот комплекс во селото Водоча
Струмичкиот театар, кој се гради повеќе од 10 години, се очекува, конечно, да ги отвори вртите за публиката до крајот на 2026 година. За целосно довршување на објектот во кој, според в.д. директорот на Заводот и музеј Струмица, Бранко Ѓоргиев, се завршени повеќе од 50 проценти од градежните активности, од Министерството за култура и туризам се одобрени 196.178.935 денари.
„Во Струмичкиот театар останува да се довршат околу 40 проценти од градежните зафати. Кон крајот на 2023 година, спогодбено беше раскинат договорот со изведувачот, а од јуни до крајот на 2024 работевме на тоа да добиеме точни пресметки со оглед на инфлацијата, бидејќи пресметките од основниот проект не одговараа на реалноста. Предвидено е оваа и наредната година да се работи на објектот и тој да се заврши, но сè зависи од изведувачите“, вели Ѓоргиев.
И министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, неодамна посочи дека е направен увид во состојбата на Театарот, особено на потпорниот ѕид, кој е проблематичен.
„Во моментов, кај нас, во Музејот и завод Струмица, се врши стручна контрола на основниот конзерваторски проект за потпорниот ѕид, па кога ќе го добиеме конзерваторското одобрение од Управата за заштита на културното наследство, ќе распишеме тендер за негова реализација. Паралелно работиме и на измена и дополнување на основниот проект за Театарот, кој треба да заврши до почетокот на март, по што ќе се распише тендер за избор на нов изведувач и ќе почнат активностите. Надворешниот дел е речиси целосно завршен и сега треба да се работи внатре во објектот, на опремата, седиштата за публиката, сценското уредување, светлосната и другата потребна опрема“, додава Ѓоргиев.
Тој додава дека при работата на објектот, се во постојана комуникација со струмичките актери од Центарот за култура „Антон Панов“.
Театарот започна да се гради во 2014 и требаше да биде завршен за година и пол, но работите се одолговлекуваа до ден-денес.
„Очекуваме до крајот на наредната година да завршат работите на Театарот и да започне одржувањето на претставите“, додава Ѓоргиев.
Инаку, во стариот театар, во 1982 година била одиграна последната претстава, по што тој бил напуштен поради дотрајаноста, а во два пожара – и целосно уништен. Актерите, по селењето од еден во друг објект, дури во 1986 година, кога беше отворен Домот на културата, добија покрив над главата за подолг период.
НУ Завод и музеј Струмица годинава ќе има поголем буџет од лани, за повеќе од 2 милиони денари и тоа за музејската дејност, како и за заштитата и конзервацијата на недвижното културно наследство, а буџетот, според Ѓоргиев, за оваа намена изнесува 6.490.000 денари. Во музејската дејност се одобрени 21 проект, меѓу кои за осовременување, реконципирање и непосредна заштита на Меморијалниот музеј посветен на народниот херој Благој Јанков-Мучето, потоа за каталог на монети од XIV до XX век, за систематски археолошки истражувања на неолитската населба Орниче кај селото Костурино, како и за повеќе работилници и изданија.
Како позначајни проекти од областа на заштитата на културното и историското наследство се истакнати и реализацијата на основниот конзерваторски проект на црквата „Свети Кирил и Методиј“ во Струмица и основниот конзерваторски проект за санација на покривот на манастирот „Свети Леонтиј“ во селото Водоча.
Ѓоргиев, исто така, кажа дека во партнерство со музејот од Град Кукуш, Грција, е аплицирано во Интерег-програмата на Европската Унија за 2021-2027, за изработка на покривна конструкција на античкото термално лекувалиште во селото Банско, за што се издвоени 25.830.000 денари. (Д.Т.)
ФОТО: Википедија/ принтскрин