Старо лице заглавено во својот дом во селото Полаки, спасувачките екипи се координираат

26

Снегот, кој продолжи да паѓа и во текот на вчерашниот ден, предизвика отежнато одвивање на сообраќајот, а обилните снежни наноси отсекоа повеќе планински села.

Денеска, спасувачки екипи се координираа за извлекување постаро лице заглавено во својот дом од снежните наноси во селото Полаки, Кочанско. Од ЦУК известија дека стапиле во контакт со екипите на Општина Кочани, Црвениот крст, противпожарната бригата и со Дирекцијата за заштита и спасување во градот. Стапено е во контакт и со братот на заглавеното лице, за негова евакуација.

– Тој ја одбива понудената помош, со барање да се почека до денес – велат од ЦУК.

Истовремено, има ново барање да им се исчисти патот (концесионерот ги одржува само патиштата што се под асфалт, не и споредните патишта што се до маалата, а што не се асфалтирани), па потоа тие да проценат дали има потреба да интервенира ТППЕ за нивна евентуална евакуација.

На Попова Шапка, снежната покривка достигна 64 сантиметри, во Маврови Анови 57, 36 сантиметри се измерени во Крушево, 34 во Дебар, 32 во Штип, 31 –Демир Капија, 30 – Тетово, 27 – Берово, 20 – Прилеп, 17 – Охрид,15 – Струмица и Претор, 11 – Крива Паланка, 10 – Скопје-Петровец и 6 – Куманово.

Голо Брдо завеано во снег, прекината наставата во сите училишта

Поради обилните снежни врнежи, областа Голо Брдо и понатаму е завеана во снег, па од денеска е прекината наставата во сите училишта во областа.

На ваквата, како што ја оценува, катастрофална состојба, реагираше Македонското друштво „Илинден“, повикувајќи ги албанската Влада и локалните власти на општините Булќиза и Либражд итно да ги преземат сите неопходни мерки за да се подобри тешката ситуацијата во областа Голо Брдо.

Врнежите од снег во изминатите денови создаде тешка ситуација во областа Голо Брдо. Како резултат на големите врнежи од снег и на ниските температури, сите патишта што ја поврзуваат областа Голо Брдо се целосно блокирани. Македонското друштво „Илинден“ – Тирана бара од Владата и од општините да преземат итни мерки за да се подобри ситуацијата, стои во соопштението на друштвото.

Областа Голо Брдо, која опфаќа 22 села, главно населени со Македонци, се протега покрај албанско- македонската граница кај Дебар.

Со последната територијална поделба, некогашните општини Требиште и Острени територијално потпаѓаат под Општина Булќиза, додека Стеблево под Либражд. Сега функционираат како административни единици.

Дводневните обилни врнежи од снег, очекувано, го забавија сообраќајот во земјава, но не го парализираа. Од АМСМ велат дека сообраќајот во земјава се одвива во зимски услови, по влажни коловози на кои има остатоци од кашест снег. Од попладнево, забраната за тешките товарни возила е укината на Плетвар и на патниот правец Делчево – г.п. Делчево, но состојбата будно се следи и ќе се реагира согласно со временските услови, бидејќи од утринава се бележат снежни врнежи со променлив интензитет низ целата држава. 

– Сè уште активна забрана за тешки товарни возила има на патните правци: Гостивар – Маврово – Дебар, Гостивар – Стража – Кичево, Струмица – Берово, Тетово – Попова Шапка (каде што за патничките возила е задолжителна употребата на зимска опрема), потоа Струга – Ќафасан, како и на Пресека и на Ѓавато. А, посебна внимателност при возењето се препорачува и на делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево, каде што се можни одрони на патот – информираат од АМСМ.

Од УХМР велат дека времето утре ќе биде променливо облачно и студено, а ќе провејува и снег, претежно во јужните и во југозападните делови. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Во Скопје ќе биде променливо облачно и студено, со услови за провејување слаб снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец.

В среда, минималната температура ќе се движи од -10  до -3 Целзиусови степени, додека максималната од -3 до 5 Целзиусови степени. Наутро ќе биде многу студено, прекуден променливо облачно, со слаб до умерен ветер од северен правец. В четврток, пак, минималната температура ќе се движи од -10 до -2 Целзиусови степени, додека максималната од -2 до 5 Целзиусови степени. Утрото ќе биде многу студено, со услови за магла во одделни котлини, прекуден сончево, со мала до умерена облачност и претежно тивко.

(А.П.)

 

 

 

 

 

ИЗДВОЕНИ