Стармер предупреди: „Путин ќе го прекрши мировниот договор доколку…“

632
EPA-EFE/CHRISTOPHE ENA / POOL MAXPPP OUT

Рускиот ретседател Владимир Путин би го прекршил мировниот договор со Украина доколку не се брани, изјави британскиот премиер Кир Стармер по учеството на состанокот на високи воени лидери во Лондон, пишува Би-би-си. Британскиот премиер рече дека каков било договор за запирање на борбите меѓу Русија и Украина „ќе биде траен“ само доколку има „безбедносни аранжмани“.

Тој зборуваше во Постојаниот заеднички штаб во Нортвуд, Лондон, каде што повеќе од 20 земји се собраа на состанок зад затворени врати за да разговараат за предлозите за војници во Украина кои ќе помогнат да се гарантира безбедноста на земјата како дел од каков било мировен договор.

„Тешки последици ако го прекршат договорот“
Стармер рече дека безбедносните аранжмани јасно ќе и дадат до знаење на Русија дека ќе има „тешки последици доколку прекршат каков било договор“.

Тој додаде, според Би-би-си, дека ОК и нејзините сојузници се префрлаат од „политички моментум“ на „воено планирање“, што според него „мора да се направи сега“ пред да се постигне договор. „Од витално значење е да ја завршиме таа работа бидејќи едно нешто сигурно знаеме, а тоа е дека Путин ќе го прекрши договорот без ништо зад себе. Тоа го знаеме бидејќи тоа се случило порано. Апсолутно сум сигурен дека ќе се повтори.

„Обврските кон другите земји стојат“
Според Би-би-си, Стармер ја отфрлил можноста британските трупи да се преместат од земји како Естонија за да се фокусираат на Киев. „Нема повлекување од нашите обврски кон другите земји. Британскиот министер за одбрана, Џон Хили, беше на состанок зад затворени врати на воени лидери од земјите кои се дел од она што Стармер го нарече „коалиција на подготвените“.

Даунинг стрит рече дека воените лидери ќе бидат вклучени во „детално планирање“ за деталите за секое потенцијално распоредување. Обединетото Кралство свика состанок на воените лидери по самитот на почетокот на овој месец во кој учествуваа 26 земји.

Потенцијалното распоредување на трупи треба да се опише како „сила за убедување“, наместо како „мировни сили“, велат одбранбените и дипломатски извори.

Претходно Стармер го посети пристаништето Бароу во Камбрија во северозападна Англија, каде се градат британски нуклеарни подморници. Тој им рече на новинарите дека разговорите во Лондон се фокусирани на тоа како да се „одржат небото, морињата и границите безбедни во Украина“.

„Непотребни барања кои ја продолжуваат војната“
Во меѓувреме, за време на посетата на Норвешка, украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека Русија „мора да престане да поставува непотребни барања кои само ја продолжуваат војната“. Повиците меѓу американскиот претседател Доналд Трамп, Путин и Зеленски не го дадоа 30-дневниот прекин на огнот што го предвиде Белата куќа.

Денес, Зеленски рече дека украинските власти ќе се сретнат со нивните американски колеги во Саудиска Арабија следниот понеделник, откако Кремљ ги потврди американско-руските разговори таму истиот ден.

ИЗДВОЕНИ