Старица наседнала на приказната со лажна сообраќајка: остави 130 илјади денари пред црква за да ја спасиш ќерката од затвор!

Нови жртви на старите трикови на измамниците

125

Телефонските измами – дека член од семејството сторил сообраќајка со смртни последици станаа секојдневие, вакви измами во полициските билтени постојат веќе неколку години наназад. Тактиката им е иста, се јавуваат кај повозрасни жени најчесто на фиксен телефон и се преставуваат како полицајци, им бараат пари оставени на договорено место во кеса, онака како што ќе каже измамникот. Очигледно се работи за добро организирана група која таргетира пензионери од целата земја. Полицијата вели дека работи на расчистување на измамите

„Телефонот ми заѕвони и од другата страна маж се престави дека е полицаец, одзади слушнав како некоја жена вика, како да ѝ е потребна помош, човекот ми соопшти дека ќерка ми и зет ми со автомобилот прегазиле дете и ако сакам да не оди во затвор, да ставам во кеса сто и триесет илјади денари и да ги оставам пред црквата, сведочи повозрасната измамена жена од една скопска населба, која сакаше да остане анонимна поради полициската истрага.

Избезумена жената го наполнила ќесето со бараните банкноти и направила така како што ѝ било речено, ги оставила парите на договореното место и заминала, подоцна кога стапила во контакт со семејството, сфатила дека е измамена и случајот го пријавила во полициска станица. Полицијата случајот го објави во дневниот билтен, дека 76-годишна скопјанка добила телефонски повик од жена и маж, кои ѝ кажале дека нејзината ќерка предизвикала сообраќајна несреќа, односно дека прегазила дете и треба да оди во затвор. Парите требало да им ги даде во замена за слободата на ќерката, објави полицијата од каде што велат дека ваквите телефонски измами се сè почести, а загрижува тоа што измамниците се претставуваат дека се полицајци и таргетираат повозрасни жени кај кои полесно можат да изнудат пари.

„На подрачјето на СВР Скопје, изминатиов период регистрирани се повеќе кривични дела „измама“, кои се извршени врз повозрасни лица. Сторителите ги доведуваат во заблуда лицата на тој начин што им се јавуваат телефонски и им се претставуваат како службени лица, најчесто полициски службеници и од нив бараат финансиски средства за ослободување од кривичен прогон на нивни деца или внуци кои, наводно, непосредно пред јавувањето направиле сообраќајна несреќа со смртни последици. Измамниците ги контактираат жртвите најчесто на фиксен телефон, но има случаи каде што се контактирани и преку мобилен телефон со скриен број, а за да бидат поуверливи во заднина се слуша женски глас кој бара помош, велат од МВР за весникот ВЕЧЕР.

Од полицијата истражуваат дали станува збор за организирана група која ги планира и спроведува измамите кои, пак, се случувале и во други градови низ републиката. Така, жртва во мрежата на измамниците била и 76-годишна прилепчанка, која платила околу 6.100 евра за да не оди в затвор, внуката која наводно направила сообраќајна несреќа и удрила дете мигрант. Прилепчанката пријавила дека била измамена од машко лице кое на телефонски ѝ се јавило, претставувајќи се како полициски инспектор и ѝ кажало дека нејзината внука во сообраќајна несреќа во Охрид удрила дете мигрант. Тој ѝ кажал дека родителите на детето бараат пари, а ако не им даде, нејзината внука ќе оди в затвор 10 години. Така, прилепчанката се согласила, а парите од нејзиниот дом ги подигнала жена. На друга пензионерка од Куманово, пак, измамниците успеале да и извлечат дури 10 илјади евра на слична ,,финта“, ама сега изманикот ја имал улогата на лекар. Ја излажеле дека нејзината ќерка е повредена во сообраќајна несреќа во Србија и ѝ рекле дека поради тоа што животот ѝ виси на конец таа мора итно да се оперира, нејзиното семејство треба да плати, а парите во кеса  да ги остави пред влезната капија во нејзиниот двор и веднаш да се врати во куќата.

Според датумите на објавените измами, тие се случуваат насекаде низ државата од пред неколку години и најверојатно се работи за група која добро ги знае семејствата каде што се јавува и имињата на нивните најблиски. Тактиката им е откако ќе се јават, жртвата да ја држат на телефонска линија, за да не може да ја провери информацијата додека не ги обезбеди парите.  Сумите кои ги бараат се различни, главно почнуваат со поголема сума, но прифаќаат и колку ќе им се даде. Ја користат возраста на жртвите и нивната емотивна кревкост, тоа било случај и со 81-годишна жена која е една од жртвите од кои биле изнудени најмногу пари, дури 28 илјади евра.

Од полицијата велат дека работат на расчистување на случаите кои се веќе секојдневие, апелираат до граѓаните да не наседнуваат на ваквиот вид на измами, а доколку бидат контактирани веднаш да пријават во полиција.  Нашата соговорничка, последно измамената сè уште не може да си поверува како некој може да ја користи човечката слабост и да причинува стрес, измислувајќи такви приказни. Бара од полицијата побрзо да ги пронајде измамниците,  (П.А)

ИЗДВОЕНИ