Стари предмети ќе се пренаменуваат во нови, во Центарот што ќе профункционира догодина

50

Општина Кисела Вода и здружението „АРНО“ денеска за прв пат го одбележаа Светскиот ден на поправки во идниот „Центар за поправки”.

Во рамките на одбележувањето беа најавени и два повика: еден за мајстори и граѓани со вештини за поправки, и друг за донација на оштетени играчки.

Градоначалникот Орце Ѓоргиевски, кој даде поддршка на иницијативата, обезбедувајќи простор за идниот центар, ги повика граѓаните активно да се вклучат во промоцијата на циркуларната економија.

-Ми претставува голема чест што Кисела Вода е првата општина која заедно со здружението „АРНО“ за прв пат во Македонија, го одбележува Светскиот ден на поправки. Оваа иницијатива е од големо значење, бидејќи ја истакнува важноста на циркуларната економија и зачувувањето на животната средина преку поправки, пренамена и креативна реупотреба на предметите – изјави Ѓорѓиевски.

Тој најави дека веќе на почетокот од следната година Кисела Вода ќе има свој сервис за поправки, каде што бидат вклучени жители и мајстри во Кисела Вода и ги повика сите кои поседуваат вакви вештини да се приклучат на овој повик.

Исто така, Ѓорѓиевски информираше дека преку оваа соработка со здружението „АРНО“, за време на новогодишните празници ќе бидат донирани поправени играчки на деца од семејства со помалку можности..

Претседателката на „АРНО“, Ирина Јаневска, објасни дека во Центарот покрај поправки и работилници, ќе организираме и pop-up настани.

-Планираме и мала концептуална продавница за производите на зелените и социјалните бизниси што ги поддржувме преку нашите програми. Секој главен град во светот има ваков простор, често и во форма на кафуле за поправки (Repair Café). Ние го видовме концептот пред седум години, преку Еразмус проект во Риека, и веднаш знаевме дека ова е логичен продолжеток на она што го правиме во делот на зелено социјално претприемништво и циркуларна економија. Убедени сме дека ова е корисно и за животната средина, и за паричниците на граѓаните-истакна Ирина Јаневска.

Проектниот координатор од „АРНО“, Антонио Даниловски, додаде се во потрага по луѓе кои имаат вештини за поправки на разни предмети, освен бела техника, или креативци кои можат да пренаменат стари предмети во нови– како креветчиња за миленици од гуми или лампи од отпад и ги повикува сите кои дома имаат оштетени играчки, на пример паднато окце на играчка слонче или скршено тркалце на количка, да ги донираат за поправка.

Ова е првпат Македонија да се приклучи на ова глобално движење, што ја истакнува важноста на локалните иницијативи. Во рамките на одбележувањето, беа одржани и две работилници со ученици од СУГС „Ѓорѓи Димитров“, од паралелките за шумарско-дрвопреработувачка и хортикултурна струка. Под водство на инструктори, учениците поправаа дрвени играчки и изработуваа вазни од тегли, со цел промоција на култура на поправки.