Во мултифункционалниот центар граѓаните ќе може да ги остваруваат своите потреби во делот на едукацијата, образованието, културата, информациите и многу други содржини што ќе ги има во објектот, кој ќе биде наменет за сите генерации
Радовиш ќе добие репрезентативен објект. Старата стоковна куќа ќе биде обновена и пренаменета во мултифункционален центар и музеј. Денеска беше означен почетокот на градежните активности во присуство на премиерот Христијан Мицкоски, министерот за локална самоуправа – Златко Перински, министерот за култура и туризам – Зоран Љутков, заменикот за локална самоуправа – Ерџан Селими, како и градоначалникот на Општина Радовиш, Ацо Ристов.
Настанот беше дел од теренските активности на Министерството за локална самоуправа „Каде што срцето е дома“.
Како што истакна Перински, овој проект ќе се реализира фазно, а првата фаза ќе се изведе со средства од државниот буџет одобрени на првиот јавен повик за поддршка на инфраструктурни општински проекти. Општина Радовиш веќе поднесе апликативен формулар за втората фаза од проектот, која би требало да биде реализирана со средства од вториот јавен повик.
Градоначалникот Ристов истакна дека во овој центар граѓаните ќе може да ги остваруваат своите потреби во делот на едукацијата, образованието, културата, информациите и многу други содржини што ќе ги има во објектот, кој ќе биде наменет за сите генерации граѓани.
– Стоковната куќа е објект што повеќе од 30 години беше симбол на еден транзициски и тежок период за целата држава. Согласно со средствата што ги доби самата Општина од првиот јавен повик за првата фаза и се надевам од вториот јавен повик за втората фаза, Општина Радовиш ќе добие еден репрезентативен и прекрасен објект во своето срцето на самата Општина, на општо задоволство на сите граѓани – истакна Перински.
Изградбата на објектот, според министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, значително ќе придонесе и за развој на туризмот. Премиерот Мицкоски порача дека Владата ќе продолжи да инвестира во сите општини.
– Продолжуваме да градиме, затоа што тоа е она што претставува наша инспирација и заедничка цел. Македонија мора да се гради – нагласи Мицкоски.
Вкупната сума за реализација на проектот за реконструкција и пренамена на стоковната куќа во Радовиш е 223.075.612,81 денари.
(А. П.)