Швалер тортата е старомоден деликатес за кој ви се потребни меки кори и миризлив фил од ванила.
Некогаш сите домаќинки го знаеле рецептот за оваа торта, но денес е малку подзаборавен. Ви предлагаме задолжително да го пробате, особено ако имате прослава, бидејќи дефинитивно ќе го разубави не само со фантастичен вкус, туку и со прекрасен изглед.
Ви предлагаме и да ја направите 3 дена порано за корите убаво да го впијат филот, а швалер тортата да биде уште повкусна.
Состојки:
За кората:
5 белки
15 лажици шеќер
100 гр сечкани ореви
2 лажици презла
1 лажица брашно
За полнењето:
15 жолчки
150 гр шеќер
200 гр путер
150 гр шеќер во прав
2 пудинзи од ванила
500 мл млеко
За декорација:
300 мл слатка павлака
сечкани ореви
Подготовка:
Белките се матат малку, па се додава шеќерот и се матат додека не се стегнат. Потоа додадете ги сечканите ореви, брашното и презлата, па нежно измешајте. Плехот покријте го со хартија за печење, па истурете ја смесата и израмнете ја. Се пече во загреана рерна на 150°C околу 20 минути. Направете уште 2 кори на ист начин и со иста количина на состојки и оставете ги сите да се изладат.
Изматете ги жолчките со шеќерот додека не станат пени, а потоа изматете ги на пареа. Мешајте цело време, па кога ќе се свари филот оставете го на страна да се излади. Во тавата сипете го млекото, па додадете го пудингот и убаво измешајте да нема грутчиња. Потоа варете додека не се згусне со постојано мешање. Во пудингот додадете го изладениот фил со жолчка.
Се мати путерот со шеќерот во прав, па се додава во филот и се соединува со миксер. Се става кората, па се покрива со филот, одозгора се става втората кора, повторно се покрива со филот, па се става третата кора. Целата торта премачкајте ја со шлаг и декорирајте со сечкани ореви.