Стапи на сила забраната на риболов во Велешко

35

Од 15 април e на сила целосната забрана за риболов во ревирот на Здружението на спортските риболовци „Бабуна“ од Велес. Ќе контролираат рибочуварите на друштвото, засилени со велешките полицајци. Забраната ќе важи до 15 мај и се однесува на рибите костреж, скобуст, попадика, црвеноперка, писа, клен, бела и црна мрена. Забраната за сом и крап ќе важи до 31 мај.

– Забраната е поради мрестот на рибата во овој период. Се договоривме во овој период, кога одиме на контрола на терен, таа да биде со придружба на полицијата, заеднички со нашите рибочувари – вели Даниел Наумовски, претседател на „Бабуна“.

Друштвото е концесионер на рибниот фонд во водите во Велешко. Од лани летото, поради загаденоста на водата на езерото „Младост“, таму се забранети риболовот и полевањето на околните лозја.

Забраната за риболов се однесува на: Вардар – од вливот на Пчиња до вливот на Црна Река; на Црна Река – од тиквешката брана до вливот на Вардар; целиот тек на реката Бабуна; целиот тек на реката Тополка; вливот на реката Брегалница, како и сите други притоки на Вардар од Пчиња до Црна Река.

Во летото 2019 година, кога ѝ истече концесијата на „Бабуна“ за рибниот фонд за езерото „Младост“, полицијата неколку месеци го контролираше уловот од можните рибокрадци што ловат со мрежи.

 

ИЗДВОЕНИ