Стануваат ли Чаир, Гостивар и Струга бази за терористички напади?

1229

Изворите на весникот ВЕЧЕР тврдат дека радикални елементи во овие општини сè повеќе се шират, почнуваат да преземаат џамии во сопственост на ИВЗ, вршат притисоци врз имамите да се повлечат од функциите, но и создаваат свои духовни центри по закупени деловни простории каде што најразлични лица држат теолошки предавања, а сè повеќе се градат и нелегални објекти за такви намени. Голем проблем е што дејствувањето на овие групи не наоѓа на спротивставувањето од легалните структури на ИВЗ. Информациите за дејствувањето на овие групи доаѓаат во централата, но не се преземаат работи за да се заштитат џамиите и имамите. Некако како да има премолчен договор со кој овие радикални структури не ги напаѓаат центрите на раководењето на ИВЗ, но на теренот дејствуваат од џамија до џамија

 

Откривањето на новата терористичка ќелија на озлогласената ИСИС во Македонија е ново и дефинитивно предупредување дека состојбите на теренот и бегаат на контролата посебно на Исламската верска заедница. Односно, дека формирањето на ваквите ќелии е овозможено со недавањето отпорот од страна на ИВЗ на напливот на радикални структури, зајакнат по враќањето на поранешните борци на ИСИС во Македонија од Сирија и Ирак. Таквите радикални елементи сè повеќе се шират, почнуваат да преземаат џамии во сопственост на ИВЗ, вршат притисоци врз имамите да се повлечат од функциите, но и создаваат свои духовни центри по закупени деловни простории каде најразлични лица држат теолошки предавања, а сè повеќе се градат и нелегални објекти за такви намени.

Ваквите предупредувања за весникот ВЕЧЕР ги кажуваа извори во пошироките редови на Исламската заедница упатени на состојбите на теренот. Тие укажуваат дека неодамнешното откривање на втора терористичка група која подготвувала тешки терористички напади, само се надоврзува на апсењето на четиричлената терористичката група во декември, а која свој центар го имала во Гостивар и во Струга. Нашите извори тврдат дека ова недвосмислено укажува дека Скопје, односно, скопската општина Чаир, Гостивар и Струга стануваат центри на дејствувањето на новосоздадените ќелии на ИСИС.

-Тоа се гледа од потеклото на приведените лица. А сето тоа е резултат на недавањето на отпор на овие радикални структури на теренот по овие општини. Веќе со години од терен ни доаѓаат информациите за притисоците што ги прават овие структури. Имаме случаи на физички напади и притисоци врз имамите за да тие се повлечат од џамиите и да ги отстапат местата на другите. Имаше закани кон имамот на Јахјапашината џамија во Чаир за да даде оставка, имаше инциденти и во џамијата во Шуто Оризари каде, исто така, беше нападнат имамот. Пред две години целта на нападот беше и имамот на Мустафапашината џамија и сакаа да го избркаат. Но, се јави отпор и тие структури се повлекоа, вели нашиот извор.

Тој тврди дека најголемите проблеми се на подрачјето на скопската општина Чаир.

-Тука со години се има и појава на држење на предавања на некакви исламски телолози кои не се дел од ИВЗ. Се закупуваат деловни простории и се собираат верници им се кажува којзнае што. Во Чаир веќе има 3-4 такви простории. Сега се зборува дека по локалните избори ќе почне да се гради и некој нов исламски центар со џамија и тоа без дозвола, некаде на локацијата кај поштата во Чаир. За тоа веќе се собирале и донациите од граѓаните – вели нашиот извор.

Сето ова, укажува тој, покажува дека Чаир како да е извор од кој после канцерот на радикалните терористички структури на ИСИС се шири и во Гостивар и во Струга…

-Голем проблем е што делувањето на овие групи не наоѓа на спротивставувањето од легалните структури на Исламската верска заедница. Информациите за дејствувањето на овие групи доаѓаат во централата но не се преземаат работи за да се заштитат џамиите и имамите. Некако како да има премолчен договор со кој овие радикални структири не ги напаѓаат центрите на раководењето на ИВЗ но на теренот дејствуваат од џамија до џамија. Тоа треба да се смени – вели нашиот извор.

Според сознанијата, групата која била откриена минатата недела била поврзана со онаа уапсена лани во декември. Тогаш, познато е, полицијата го притвори 21-годишниот гостиварец Г. М., кој претходно бил во Австрија на привремена работа. Пред тоа, во август лани, австриската полиција го уапси 19-годишниот Беран Алији, кој живее во градот Терниц, а чие семејство, исто така, потекнува од Гостивар. Беран беше приведен заради основани сомневања дека подготвувал терористички напад за време на концертите на музичката ѕвезда Тејлор Свифт во австриската престолнина.

Весникот ВЕЧЕР неодамна пишуваше дека на дело е и нова стратегија на радикалите со која се врбуваат млади луѓе кои не ѝ се познати на полицијата. Познато е, во редовите  на Исламската држава, во екот на нејзината моќ пред десетина години, пристапиле околу 150 лица од Македонија. Се проценува дека од нив загинале триесетина лица, најмногу од скопската општина Чаир. Подоцна, по поразот на ИСИС во нашата земја се вратиле околу осумдесетина лица од кои дел отслужувале и затворски казни заради учество во странски паравоени формации. Изминативе години македонска полиција откри неколку терористички групи кои подготвувале терористички акции и врбувале нови борци за ИСИЛ.  Во ноември 2016 година беа приведени беа две лица кои планирале терористички напади, но ниту тогаш полицијата не ја откри нивната мета. Истата година во судскиот процес „Ќелија“ 11 лица обвинети дека учествувале на воените боишта во Сирија, признаа вина и добија затворски казни од 2 до 7 години, меѓу нив највисока казна доби првообвинетиот оџата Реџеп Мемиши од Чаир. (Б.Ѓ.)

 

ИЗДВОЕНИ