Инвестирањето во недвижнини и натаму е профитабилен бизнис за граѓаните со „вишок“ пари, иако цените упорно растат. Индексот на цени на станови на Народната банка покажува дека во првиот квартал од годинава становите  поскапеле за околу 20 проценти во однос на лани. Или, поточно, во првиот квартал годинава се зголемиле за 7,2 насто на квартално ниво, а за 19,4 проценти на годишно ниво. 

И покрај растот на цените на становите, интересот за купување не се намалува. Од агенциите за недвижности велат дека побарувачката за купување станови го зголемува градењето и ја крева цената, така што во догледно време не очекуваат пад и на купувањето и на цената. Раст на цените на недвижностите бележи Евростат и во земјите на Европската унија. Во последните 15 години цените на недвижностите покажуваат осцилации, односно меѓу 2010 и четвртиот квартал од 2024 година, цените на недвижностите во ЕУ се зголемиле за 55,4 проценти

 

Инвестирањето во недвижнини и натаму е профитабилен бизнис за граѓаните со „вишок“ пари, иако цените упорно растат. Индексот на цени на станови на Народната банка покажува дека во првиот квартал од годинава становите  поскапеле за околу 20 проценти во однос на лани. Или, поточно, во првиот квартал годинава се зголемиле за 7,2 насто на квартално ниво, а за 19,4 проценти на годишно ниво.

– Во првиот квартал од 2024 година цените на становите забележаа поскапување од 4,7 проценти на годишно ниво и пад од 0,8 проценти на квартално, што беше прво минимално квартално намалување по подолг период откако последен пат имаше пад од еден процент во третиот квартал од 2020 година. Во вториот квартал од 2024 становите забалежаа поскапување за 11,5 проценти на годишно ниво и од 8,2 проценти на квартално ниво. Во третиот квартал лани растот на годишно ниво изнесуваше осум проценти, а на квартално имаше пад од 0,3 проценти, по што повторно следуваше раст во четвртиот квартал на квартално ниво за 3,3 проценти, а за 10,6 проценти на годишно ниво – појаснуваат од Народната банка.

И покрај растот на цените на становите, интересот за купување не се намалува иако пописот на населението од пред четири години покажа дека од вкупно 839.174 станови што биле попишани во 2021 година, 531.987 или 63,4 проценти се вселени, а зјаат празни 307.187 или 36,6 проценти. И големиот процент на празни станови, градењето со несмален интензитет и натаму продолжува, особено во Скопје. Од агенциите за недвижности велат дека побарувачката за купување станови го зголемува градењето и ја крева цената, така што во догледно време не очекуваат пад и на купувањето и на цената.

– Има побарувачка. Најмногу се бараат помалите станови кои и веднаш се одат како алва. Оние со поголема квадратура може и да почекаат некој месец, но и тие се продаваат без разлика што станбениот квадрат оди и над 2.200 евра, а некои поексклузивни и над 3.000 евра. Тоа покажува дека луѓето имаат пари и сакаат да ги вложат во нешто профитабилно со оглед дека цените на становите и натаму растат. Така, што не очекувам дека ќе има намалување на цените, можно е да има стагнирање, но дека ќе паѓаат, тешко – вели еден сопственик на агенција за недвижности за весникот ВЕЧЕР. 

И економистите се сложуваат дека инвестирањето на вишокот пари во недвижност, можеби е и последица на немањето идеа за вложување на готовите пари. Од друга страна преовладува мислењето дека купувањето недвижност никогаш не губи вредност, а станот може да се изнајми и секој месец да се добива дополнителен приход. Исто така, на тоа влијае и тоа што каматните стапки за штедење во банките се нестимулативни.

Висината на цените на становите ја билдаат и цените на парцелите. Оние парцели што се поблиску до центарот или станува збор за атрактивни населби, сопствениците ги продаваат мошне поскапо. Но, влијание има и ненаситноста на некои инвеститори, односно градежни компании кои имаат желба за големи профити.Тоа го потврдува фактот што цените на становите во централните општини во Скопје и оние на периферијата на градот не само што не се исти, туку некаде се и двојно поголеми.

Од 2010 до 2019 година Државниот завод за статистика објавуваше податоци за просечна цена на станбена површина во Македонија и во Скопје. Така, пред 15 години станбениот квадрат во Македонија изнесувал 52.125 денари (847 евра), а во Скопје бил 64.127 денари (1.042 евра). Потоа следува период од 7 години на пад на цената на квадратот кој беше најнизок во 2017 година – 41.822 денари (680 евра) на ниво на цела држава, а во Скопје падна на 43.710 денари (710 евра). Или во периодот од 2010 до 2019 година просечната цена на станбениот квадрат пораснала за 7.131 денар. Од 2019 година па наваму цените постојано растат на годишно ниво, некогаш едноцифрено, друг пар со двицифрена стапка.

Раст на цените на недвижностите бележи Евростат и во земјите на Европската унија. Во последните 15 години цените на недвижностите покажуваат осцилации, со силен раст помеѓу првиот квартал од 2015 и третиот квартал од 2022 година, потоа следува благ пад и стабилизација, по што повторно се зголемија во 2024 година. Меѓу 2010 и четвртиот квартал од 2024 година, цените на недвижностите во ЕУ се зголемиле за 55,4 проценти.

Според националните податоци, при споредба на четвртиот квартал лани со 2010 година, цените на недвижностите пораснале во 21 од 27 земји членки на ЕУ за кои има достапни податоци. Во истиот период, цените на недвижностите се повеќе од тројно зголемиле во Унгарија (+234 отсто) и Естонија (+228 отсто), а се повеќе од двојно зголемиле во Литванија (+187 отсто), Латвија (+153 отсто), Чешка (+142 отсто), Португалија (+120 отсто), Бугарија (+115 отсто), Австрија (+112 отсто) и Луксембург (+105 отсто). На Кипар, цените на недвижностите останале на исто ниво како во 2010 година. Италија е единствената земја каде што е забележан пад на цените на недвижностите во овој период (-4 отсто).

(С.Бл.)

 

ИЗДВОЕНИ