Изнајмување станови за швалерај – нов тренд во Скопје

Реиздавањето станови во Скопје станува добар бизнис. Трендот на изнајмување станови за една вечер, во последно време, е доста актуелен. Ги изнајмуваат становите, а потоа ги реиздаваат преку Airbnb и Booking. Заработката е повеќе од двојна, односно од 250 евра, па нагоре, во зависност од тоа дали станот е постојано издаден или некои денови е празен. Од агенциите за недвижности објаснуваат за весникот ВЕЧЕР дека, во последно време, се зголемува побарувачката за изнајмување станови за една вечер, поради што сè почесто се бараат станови за реиздавање. Освен за швалерај, се издаваат станови за краток престој и на странци и на луѓе од внатрешноста, кои доаѓаат во Скопје за преглед, лекување...

28221

Реиздавањето станови во Скопје станува добар бизнис. Трендот на изнајмување станови за една вечер, во последно време, е доста актуелен. Па така, освен агенциите за недвижности, со овој бизнис се занимаваат и приватни лица. Ги изнајмуваат становите, а потоа ги реиздаваат преку Airbnb и Booking. Заработката е повеќе од двојна, односно од 300 евра, па нагоре, во зависност од тоа дали станот е постојано издаден или некои денови е празен. Од агенциите за недвижности објаснуваат за весникот ВЕЧЕР дека, во последно време, се зголемува побарувачката за изнајмување станови за една вечер, поради што сè почесто се бараат станови за реиздавање.

– Реиздавањето станови станува доходен бизнис ,од кој добро се заработува. Постојано се бараат станови за реиздавање. Овој бизнис го работат и приватни лица, кои потоа ги реиздаваат изнајмените станови на пократок период, преку Airbnb и Booking. За да го вршат овој бизнис, мора да се регистрирани во УЈП и да плаќаат данок. Инаку, се заработува двојно од цената за изнајмување на станот. Ако го изнајмил станот 300 евра, тогаш, преку реиздавање, може да заработи плус 300 евра и повеќе, во зависност од тоа дали станот е постојано полн. Има станови што се издаваат за 30 евра за една вечер, обично тоа се гарсониери, но има и полуксузни станови, кои се издаваат по 100 евра за вечер – велат за весникот ВЕЧЕР од една скопска агенција за недвижности.

Од агенциите велат дека реиздавањето во Скопје е во подем, а, освен за швалерај, се издаваат станови за краток престој и на странци и на луѓе од внатрешноста, кои доаѓаат во Скопје за прегледи, лекување…

– Изнајмувањето стан за една вечер е поевтино од хотел, но затоа лицата што се занимаваат со реиздавање, им ја земаат работата на хотелите и на мотелите – додаваат од агенциите.

Но, и покрај тоа што добро се заработува, голем дел од сопствениците на станови не сакаат да ги реиздаваат становите, бидејќи, како што велат, не сакаат да прават јавна куќа од станот. Освен тоа, тука се и соседите, на кои им пречи секоја вечер да доаѓаат нови лица. „Подобро е станот да ми стои празен месец-два отколку да го реиздавам“, велат некои од сопствениците.

И градежните експерти потврдуваат дека реиздавањето станови во Скопје е во подем. Според нив, причината за тоа е што во градот има повеќе станови отколку што има жители. Голем дел од становите стојат празни, па поради тоа се јавила потреба и од реиздавање.

–  Голем дел од граѓаните што имаат пари, купуваат станови за издавање. Со реиздавање, сопствениците доаѓаат до поголема заработка и добиваат можност да купат нов стан, кој повторно ќе го издаваат. Ова се нови форми на издавање, кои се во подем и од кои добро се заработува. Причините поради кои се зголеми трендот на реиздавање е побарувачката на станови за една вечер. Од друга страна, многу станови во градот стојат празни, па зошто да не се реиздаваат и да се направи бизнис од нив – вели за весникот ВЕЧЕР Никола Велковски, градежен експерт.

Според него, треба да се запре со урбанистичкиот хаос, бидејќи во Скопје има повеќе станови отколку што има потреба.

Тој додава дека за разлика од некои што имаат по неколку стана, голем дел од младите брачни двојки, кои навистина имаат потреба, не може да дојдат до стан, поради високите цени на квадратот и високите каматни стапки на станбените кредити.

Познавачите на пазарот со недвижности велат дека за разлика откај нас, во светот ова е регулирано со закон и не може сите станови да се реиздаваат и не може секој да се занимава со овој бизнис.

(А.С.)