Експертите очекуваат цените на недвижностите годинава да останат на приближно исто ниво како лани. Тоа го потврдуваат и најновите податоци на Народната банка на Македонија, кои покажуваат за четвртиот квартал од минатата година дека има нов раст на цените на недвижностите во земјава, и тоа за високи 10,6 проценти. Министерот за транспорт и врски, Александар Николоски, очекува со проектот вреден 3,5 милиони евра да се започне со изградба на згради за комерцијална продажба во Штип, Скопје и во Битола, кои ќе ја спуштат цената на становите до 30-40 проценти. Годинава треба да стартува и иницијативата „Купи куќа за млади“, насочена кон поддршка на младите лица што сакаат да инвестираат во сопствен дом

Иако многумина се надеваат дека годинава ќе пукне ценовниот балон на пазарот на недвижности, што би довело до корекција на цените на недвижностите, сепак, експертите не очекуваат такво нешто. Сметаат дека цените на недвижностите ќе останат на приближно исто ниво. Тоа го потврдуваат и најновите податоци на Народната банка на Македонија, кои покажуваат за четвртиот квартал од минатата година дека има нов раст на цените на недвижностите во земјава, и тоа за високи 10,6 проценти.

Овој тренд на значително поскапување на имотите започна со четвртиот квартал во 2021 година и продолжи низ цели 2022 и 2023 година. Лани, недвижностите најмногу покапеа (за 11,4 проценти) во вториот квартал, што е скок за 2,5 пати во споредба со првите три месеци, кога имаа цените тренд на стагнација и се зголемија за само 4,6 проценти.

Од агенциите за недвижности што ги консултиравме не очекуваат дека ќе има намалување на цените на становите во главниот град, бидејќи, како што потенцираат, понудените недвижности буквално веднаш се продаваат, особено оние со помала квадратура, иако цената на квадратот е повисока отколку кај поголемите станови.

Иако градежниците не коментираат јавно, според нивната проценка, високите цени на градежните материјали се пречка за значително намалување на станбените цени. Очекуваат дека ако државата преземе чекори, како субвенционирање на дел од цената, тоа би можело да помогне во намалувањето на трошоците и во подобрувањето на условите на пазарот.

Пописот на населението од пред две години покажа дека од вкупно 839.174 стана, 531.987 или 63,4 проценти се населени, а 307.187 или 36,6 проценти се ненаселени. Но, и покрај големиот број празни станови, се гради со несмален интензитет, што, според експертите, се должи на со години вткаеното размислување на македонскиот граѓанин да ја вложи својата заштеда во недвижност, односно во купување стан што потоа ќе го изнајмува.

Значително намалување на цените на становите до 30-40 проценти очекува министерот за транспорт и врски, Александар Николоски, со проектот вреден 3,5 милиони евра што ќе овозможи пристапни домови за младите и пониски цени на станбениот пазар. Имено, Акционерското друштво за изградба и управување со станбен простор планира годинава да започне со изградба на згради за комерцијална продажба во Штип, Скопје и во Битола, со што се очекува да се обезбеди стабилност на пазарот на недвижности.

Годинава треба да стартува и иницијативата „Купи куќа за млади“, насочена кон поддршка на младите лица што сакаат да инвестираат во сопствен дом. Проектот ќе обезбеди пристапни услови за младите, со што државата ќе придонесе за подобра достапност на станбениот простор за младата популација.

(С.Бл.)

 

ИЗДВОЕНИ