В.д. директорката на Конзерваторскиот центар, Љиљана Китановска, изјави за весникот ВЕЧЕР дека дознала за оваа порта од медиумите, бидејќи, како што истакна, никој не се обратил за неа до институцијата и дека не било поднесено никакво барање до нив.
– Конзерваторскиот центар веднаш ќе изврши увид на терен и ќе изготви извештај, кој, во текот на утрешниот ден, ќе биде доставен до Управата за културно наследство. Тогаш и ќе имаме попрецизни информации во однос на законитоста на поставувањето на оваа порта, која е поставена во контактната зона на Старата скопска чаршија – рече Китановска.
Од Општина Чаир тврдат дека портата нема допир со територијата на Старата скопска чаршија и дека е урбана опрема, поради што немале потреба од мислење од Конзерваторскиот центар – Скопје
Конзерваторскиот центар – Скопје ќе го преиспитува поставувањето на поврзувачката порта меѓу Бит-пазар и Старата чаршија. В.д. директорката на Конзерваторскиот центар, Љиљана Китановска, изјави за весникот ВЕЧЕР дека дознала за оваа порта од медиумите, бидејќи, како што истакна, никој не се обратил за неа до институцијата и дека не било поднесено никакво барање до нив.
– Конзерваторскиот центар веднаш ќе изврши увид на терен и ќе изготви извештај, кој во текот на утрешниот ден ќе биде доставен до Управата за културно наследство. Тогаш и ќе имаме попрецизни информации во однос на законитоста на поставувањето на оваа порта, која е поставена во контактната зона на Старата скопска чаршија – рече Китановска.
Од друга страна, од Општина Чаир тврдат дека портата нема допир со територијата на Старата скопска чаршија.
– За поставувањето на оваа порта не се задолжителни мислење и одобрување од Конзерваторскиот центар – Скопје, бидејќи таа претставува урбана опрема, односно не е инсталација што опфаќа градежни работи. Таа е поставена согласно со Деталниот урбанистички план во делот предвиден за сквер, како урбана опрема, а не во заштитениот дел. За неа одлука донесе и Советот на Општина Чаир – потенцираат од локалната самоуправа.
Оттаму додаваат дека по една година ќе се слушне мислењето на жителите, бидејќи се работи за пилот- проект и ако позитивно се изјаснат тие, тогаш портата ќе остане, а доколку има негативно мислење, ќе биде тргната.
Од Општината појаснија дека е поставена натстрешницата при подготовката на апликацијата, во соработка со еснафот од Чаршијата, дека претставува монтажно-демонтажна структура, дека е изработена проектна документација за неа и дека е издадено решение.
– Проектот е поддржан со средства од ТАВ, преку Владата – велат од локалната самоуправа.
Инаку, според Законот за градење, во урбана опрема спаѓаат: опремата за продажба на билети за јавен превоз, весници, сувенири, цвеќиња, храна, сладолед, телефонските говорници, автобуските постојки, типските објекти за обезбедување што се во функција на дипломатско-конзуларните претставништва, на објектите на органите на државната управа и на резиденцијалните објекти, опремата во функција на туристички, културни и на спортски настани, опремата за спортско-рекреативни активности, јавните санитарни јазли, терасите со или без натстрешници, платформите за јавни манифестации на копно и на водна површина, покриените и непокриените шанкови, пливачките објекти, паркинзите во функција на објектите на органите на државната управа и на објектите на општините, рекламните и информативни паноа, детските игралишта, натстрешниците што се поставуваат на јавна површина, фонтаните, чешмите, клупите и кантите за отпадоци.
Поврзувачката порта меѓу Бит-пазар и Старата чаршија вчера беше промовирана од градоначалникот на Општина Чаир, Висар Ганиу, кој истакна дека се работи за проект со големо значење за урбаниот и за културниот идентитет на градот.
Овој објект е изработен од челик и од стакло, претставува функционален и естетски влез, кој, како што рече Ганиу, создава природна врска меѓу двата најзначајни трговски простори во градот.
– Покрај заштита од атмосферските влијанија, оваа инвестиција го збогатува урбаниот карактер на Чаршијата, зачувувајќи го духот на живиот и динамичен пазар – констатираа од Општина Чаир.
На 13 октомври 2008 година, Собранието на Република Македонија донесе закон за Старата скопска чаршија со кој беше прогласена за културно наследство од особено значење, со што е ставена под трајна заштита на државата. Во него, исто така, детално се опишани границите на Чаршијата, а определени се и три контактни зони на нејзиниот простор. Се наведува и дека во Старата скопска чаршија не смее да се менува постојната урбана структура, да се градат или внесуваат индустриски капацитети што придонесуваат за разни форми на загадување, да се подигаат меморијални споменици и спомен-обележја што не се поврзани со нејзините настанок и развиток и да се врши ископ на темелите или подрумите и да се изведуваат каков било друг вид градежни работи без претходно спроведување на заштитни археолошки истражувања. Во ноември 2010, беа најавувани измени на Законот поради фактот што е сместена Чаршијата на границата меѓу општините Центар и Чаир.
(А. П.) – Ѕвонко Плавевски