ССМ: Укината е срамната ревизија донесена од тројцата судии, новата Влада да не ги следи примерите на претходните кои беа против работниците

32

– Укината е срамната ревизија донесена од тројцата судии за кои укажувавме на почетокот на годината дека ја направија најголемата штета на синдикалното движење во Македонија, нешто што се нема случено ниту во Европа ниту во светот. Борбата што ја водевме овие осум месеци, ни овозможи да добиеме повторување на постапката и укинување на сите правни акти кои значеа конфискација на Работничкиот дом, рече денеска претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов и упати до новата Влада да не ги следи примерите на претходните влади кои беа против работниците и кои сакаа да го одземат Работничкиот дом од работниците.

Тој на прес-конференција напомена дека Предлогот на ССМ за повторување на постапката врз основа на доказите со кои Сојузот располага уште од 1948 година, е прифатен од Врховниот суд со насоки да се укинат сите досегашни пресуди, вклучително и ревизијата на Врховниот суд со која се конфискуваше Работничкиот дом од работниците на штета на целокупното работничко движење и на штета на ССМ, со единствена цел, да се уништи ССМ.

– Работниците, правдата и ССМ победија за само осум месеци корумпиран систем составен од корумпирани судии. За наша среќа, не сите судии се во истиот кош – рече Трендафилов заблагодарувајќи и се на судијката Оља Крстиќеска во Основниот суд Скопје, која дозволи по брза постапка да се случи повторувањето и да се прифати предлогот за повторување на постапката, како и на останатите судии кои со своите одлуки продонесоа ССМ да не ја изгуби зградта ан Работничкиот дом.

Упати апел до новата Влада да не ги следи примерите на претходните влади кои беа против работниците и кои сакаа да го одземат Работничкиот дом од работниците со единствена цел – да го замолчат ССМ, особено поради една причина.

– Добивме информација дека е прифатена предлог-апликацијата поднесена до Стразбур и дека е повреден член 1 од Протоколот 1 кој значи право на сопственост. Сопственоста не може да биде предмет на политички и олигарсхиски игри. Сакаме да упатиме порака, Работничкиот дом е на работниците, сами бирате дали ќе бидете пријатели или непријатели на ССМ – подвлече Трендафилов.