ССМ бара повисоки плати за 20 отсто, цените на храната растат и покрај мерките

35

Синдикалната минимална кошничка за јануари 2025 година изнесува 63.252 денари. Во споредба со кошничката за декември 2024 година, која изнесува 62.861 денар е зголемена за 391 денар. Претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија, Слободан Трендафилов на прес-конференција рече дека наместо да се намалат за 10 отсто делот за храна и пијалоци бележи зголемување за 63-те основни производи за 123 денари.

Првиот синдикалец оценува дека инфлацијата во Македонија е над 10 отсто, според резултатите на синдикалната минимална кошничка, а не 3,5 отсто. Дециден е дека „цените на производите фиктивно се намалувале, а трговците се богателе на грбот на граѓаните“.

-Трговците се алчни и го користат секој момент за дополнително да се збогатат. Тоа што сега го ветуваат дека во наредните месеци ќе ги задржат цените на основните производи е мамка за да не ги намалат цените на производите кои што на светските берзи се намалуваат. Според анализите, цената на житните култури е намалена за 13,6 отсто минатата година, додека во овој месец, цената на лебот е намалена за само еден денар од 33 на 32. Нема намалување на цената на брашното, тестенените, солта, зејтинот, оцетот, турското кафе, квасецот, млекото, путерот, урдата…, рече Трендафилов.

Тој рече дека загрижува фактот што за една година цените на храната се зголемни за 20 отсто. Што се однесува до вредноста на синдикалната кошница за една година е зголемена за 6.980 денари.

Според Трендафилов, од септември минатата година до јануари 2025 година со мерките на Владата цените се стабилизираа, но повторно има зголемување. Во овој период делот за храна и пијалоци се зголемил за 164 денари, што значи трговците го искористија тој меѓупериод кога немаше мерки и енормно ги зголемија цените.

-Поради тоа платите мора да се зголемат за минимум 20 отсто. Сметаме дека нашето барање за раст на платите е издржано со оглед на тоа дека газдите не покажаа ронка почит, ниту општествена одговорност. На почеток на носење на мерката новогодишна кошница мораше да реагира и Владата заради ненамалување на цените, изјави Трендафилов.

Според него, треба да се преземат поригорозни мерки кон трговците кои покажаа дека не им е грижа ниту за работниците, ниту за граѓаните, ниту за Владата.

(А.С.)

ИЗДВОЕНИ