Студентите кои се на протести ги повикаа граѓаните на Србија да излезат на генерален штрајк в петок, на 24 јануари.
На официјалната страница на инстаграм-профилот „Студенти на Технолошко-металуршкиот факултет“ објавија што подразбира генерален штрајк и како во него можат да учествуваат српските граѓани.
-Не одете на работа в петок. Разговарајте со вашите колеги за организирање прекин на работата. Што ако се плашам од мојот работодавец? Земете слободен ден. Отворете боледување. Дарувајте крв, велат студентите.
На работодавците им препорачуваат да им дадат слободен ден на вработените, да ги откажат состаноците и да ги информираат клиентите зошто нема да работат.
-Ние не одиме на работа, не одиме на часови, не ги извршуваме секојдневните работи. Да ја земеме слободата во свои раце! Вашето учество прави разлика. Терминот „генерален штрајк“ овде се однесува на општа граѓанска непослушност, велат студентите кои речиси два месеци протестираат и блокираат улици низ српските градови по повод несреќата во Нови Сад во ноември, кога се урна натстрешницата на железничката станица, при што починаа и имаше тешко повредени повеќе луѓе.