Српскиот премиер Милош Вучевиќ апелираше до учесниците на утрешниот протест во Белград да се воздржат од насилство и инциденти, изразувајќи загриженост за атмосферата околу собирот. Вучевиќ на вонредна прес-конференција изјави дека има организатори кои поттикнуваат конфликти и подготвуваат сценарио за физичка ликвидација на претседателот на државата, повикувајќи се на аудио снимки од средба на членовите на Движењето на слободни граѓани во Нови Сад.
Вучевиќ ја истакна важноста од одржување на мирот и стабилноста за време на митингот, апелирајќи до сите учесници да се воздржат од напади врз институции и предизвикување инциденти.
„Причината за конференцијата е мојата желба уште еднаш да апелирам до сите учесници на утрешниот собир во Белград да избегнуваат напади врз институции и инциденти по секоја цена, тоа е обврска и одговорност на сите учесници. Би сакал да биде така, да има доволно разбирање меѓу сите нас, настанот да не оди во погрешна насока, за да не ги видиме сцените што не ги сакаме“, рече Вучевиќ.
Премиерот изрази загриженост за атмосферата околу протестите, тврдејќи дека има организатори кои поттикнуваат насилство и конфликт.
„Се плашам дека некои кои учествуваа во организацијата создадоа атмосфера дека мора да дојде до насилство и кулминација на конфликтот. Тие го поделија општеството и граѓаните, им забранија на луѓето да размислуваат поинаку од нив и создадоа оправдување за насилството што го подготвуваат“, додаде Вучевиќ.
Синоќа, неколку телевизиски станици – меѓу кои ТВ Информер, ТВ Пинк, ТВ Прва и Хепи ТВ – емитуваа аудио снимка на која се слушаат членовите на новосадскиот одбор на Движењето на слободни граѓани како разговараат за насилните акции на протестот во Белград на 15 март на состанокот одржан на 12 март.
„Особено ме загрижи таа средба. Јавно и многу јасно подготвуваат сценарио за физичка ликвидација на претседателот на државата, оставајќи две опции и велејќи дека нема трета опција, или ќе го убијат Вучиќ или ќе мора да замине, нема трета опција. Мислам дека шест пати во разговорот спомнаа граѓанска војна, дека е подготовка и вовед во граѓанска војна. Она што можевме да го слушнеме вчера беше повик и подготовка за терористички дејствија од група политички екстремисти, бидејќи јас се борев против нив политички и како градоначалник на Нови Сад и денес како премиер“, рече Вучевиќ.