Од олимписките игри во Париз секојдневно ни доаѓаат интересни вести, но овој пат пристигна можеби најубавата приказна, која не е поврзана со резултатите од борилиштата. Имено, како што пишува српски „Курир“, веслачот Мартин Мачковиќ ја запроси својата девојка Наталија во центарот на Париз.
Српските веслачи во двојка, Мартин Мачковиќ и Николај Пименов, неодамна триумфираа во Б-финалето и со тоа ја зазедоа седмата позиција во генералниот пласман на Олимписките игри во Париз, но само неколку дена подоцна, Мачковиќ има причина за славење, откако неговата сакана кажа „ДА“.
Српските веслачи беа блиску до пласман во А-финалето на 2.000 метри, сепак, иако водеа три четвртини од трката, на крајот кикснаа и завршија четврти. Посебно изненадуваше ситуацијата во последните 60 метри кога Пименов целосно застана и престана да весла, а поради тоа се создадоа и многу теории. Се зборуваше дека Пименов бил уморен, повреден, па дури и дека го „издал“ колегата Мачковиќ.
По бурниот настап на Олимписките игри, Мачковиќ реши да остане во Париз и да се опушти со својата избраничка Наталија. Ја искористи можноста да ја запроси својата сакана во Градот на Светлината.
Имено, тој на својот инстаграм-профил објави фотографии од романтичното запросување.
- Ми се оствари сонот за да создадам иднина, напиша идната сопруга на српскиот репрезентативец.