Македонските ракометари одиграа уште еден неизвесен натпревар на Светското првенство во Хрватска. Избраниците на селекторот Кирил Лазаров во првиот натпревар од главната фаза ремизираа против Австрија 29:29. Слободно може да се каже дека мечот во „Арена Вараждин“ заврши со најреалниот исход, бидејќи двете селекции имаа свои моменти, а највозбудлив беше самиот финиш во кој капитенот на македонската репрезентација Филип Кузмановски со гол од петнаесетина метри не дозволи противникот да излезе како победник од овој натпревар.
„Австрија важеше за фаворит пред натпреварот. Во последните две години имаа подобри резултати од нас. Но, им недостигаа неколку важни играчи, како и нас. На крајот мора да сме задоволни од резултатот. Се обидовме да бидеме добри во нивната игра „седум на шест“, беа многу добри поради тоа одигравме реми. Ние немавме среќа против Унгарија, бевме многу блиску, ама тоа е спортот и мора да учиме од грешките. Немаме избор, мора позитивно да тргнеме на Катар, кај момците владее добра атмосфера. Имавме проблеми со болеста, Митревски, Јагуриновски и Костески имаа проблем, а претходно и Велковски. Можеме да бидеме и задоволни за голот, но и незадоволни за пеналот кој го имавме за водство. Ако го дадевме седмрецот, ќе имавме психолошка предност, но што е – тука е. Тоа е спортот, ракометот. Велат среќата се заслужува, а ние веројатно сè уште не сме ја заслужиле“, кажа по натпреварот селекторот Кирил Лазаров.
Македонија протоив Катар, селекција која ја предводи поранешниот селектор на Македонија и тренер на Вардар, Веселин Вујовиќ ќе игра утре од 15.30 часот. Катарците во првото коло од главната фаза одиграа маестрален натпревар против Холандија, кој го загубија во последната секунда со 38:37
„Добро ја следам репрезентацијата на Македонија и на ова првенство направија сериозен исчекор кон модерен ракомет, тоа морам да го признаам. Системот и начинот на кој играат и се борат е многу добар. Можеби, Кире можеше да повика некои подобри играчи од овие тука, ама мислам дека се реши да повика поперспективни, што исто така е голем исчекор. Добро е да имаат голема мотивација и да се борат. Не им беше лесно да играат против Австрија кои играат на така дисциплиниран начин „седум на шест“. Мене прва желба ми е да го опоравам тимот и физички и психички после ваквиот пораз, друго е кога Кузмановски ќе даде гол од 13- метри, а друго е кога ќе примите ист таков гол за пораз. Не е исто чувството после натпреварот”, кажа Вујовиќ.