Средното училиште „Киро Спанџов-Брко” од Кавадарци доби спортски центар

19

Средното општинско училиште „Киро Спанџов-Брко” во Кавадарци доби нов спортски центар, кој свечено го отворија министерот за спорт, Борко Ристовски, и градоначалникот на Општина Кавадарци, Митко Јанчев. Овој нов спортски комплекс ќе им овозможи на младите подобри услови за спортување, развој на нивните таленти и промоција на здравиот начин на живот.

Во рамките на спортскиот центар во Кавадарци изградени се фудбалско игралиште со вештачка трева, кошаркарско игралиште со полипропиленски под и е опремен просторот со урбана опрема за спорт и рекреација.

– Продолжуваме со реализацијата на проектите што ни се зацртани како приоритетни, со инвестициите во спортот и во спортската инфраструктура. Ова е уште еден проект што го реализира Министерството за спорт со цел да се подобри спортската инфраструктура во целата држава. Вложувањето во спортот е вложување во иднината на нашите млади генерации. Нашите цел и заложба се да им обезбедиме на младите услови да му се посветат на спортот, да го развиваат својот талент и да ги негуваат вистинските спортски вредности – истакна министерот Ристовски.

Градоначалникот Јанчев додаде дека со ова Општина Кавадарци уште еднаш докажа оти може младите да спортуваат, да се дружат и да создаваат спомени за паметење во одлични спортски услови.

– Унапредувањето на училишниот спорт и подобрувањето на условите за одржување на часовите по физичко и здравствено образование, но и рекреативно за сите граѓани што сакаат да го одржуваат здравиот дух, се еден од приоритетите на Општината – нагласи Јанчев.

 

ИЗДВОЕНИ