Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денеска остварила средба со амбасадорот на Европската унија, Михалис Рокас и со Александру Албу, прв сектретар и раководител на Оператива 2 во Европската делегација во Скопје, на која биле разгледани клучни аспекти на имплементацијата на новите закони за енергетика и за обновливи извори на енергија во Република Македонија.
Средбата се одржа во контекст на зголемените напори за зајакнување на зелената транзиција и усогласување со европските стандарди.
– Во фокусот на дискусијата беа два нови закони, кои се од суштинско значење за развојот на енергетскиот сектор во земјата. Законот за енергетика и Законот за обновливи извори на енергија имаат за цел да создадат стабилна и одржлива правна рамка за инвестиции во обновливи извори и да ја зголемат енергетската ефикасност – соопштија од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.
Министерката Божиновска истакнала дека овие закони не само што ќе помогнат во диверзификација на енергетските извори, туку и ќе ги поддржат домашните и странските инвеститори.
Се дискутирало и за важноста на воведувањето на механизми како што е ЦБАМ (Carbon Border Adjustment Mechanism), кои се од круцијално значење за заштита на домашните производители и промоција на одржливи пракси.
Како што истакнал амбасадорот Рокас, ЦБАМ ќе обезбеди фер конкурентност за европските компании во однос на оние од трети земји, создавајќи позитивни ефекти за економијата на Македонија и целокупниот ЕУ ЕТС (Европскиот систем за трговија со емисии).
– Поддршката од Европската унија е клучна за зајакнување на капацитетите во полето на енергетиката и за успешна зелена транзиција. Наша цел е да создадеме фер и еднакви можности за сите инвеститори, посебно во секторот на обновливата енергија – изјавила министерката Божиновска.
На средбата била потврдена и спремноста на Европската унија да продолжи да ја поддржува Македонија во нејзините напори за трансформација на енергетскиот сектор и усогласување со европските регулативи.
Исто така, биле разгледани и можностите за техничка помош и финансирање на проекти поврзани со обновливите извори, што е од особено значење за реализација на амбициозните цели за намалување на емисиите и зголемување на уделот на обновливи извори во енергетската структура на земјата.
Министерката Божиновска и амбасадорот Рокас изразиле оптимизам за идниот развој на енергетскиот сектор во Македонија и потенцирале дека соработката помеѓу земјата и ЕУ е од суштинско значење за постигнување на заедничките цели во областа на климатските промени и одржливиот развој.