Сребро за учениците од угостителската струка во средното училиште „Ѓорче Петров“ – Крива Паланка

24

Учениците од угостителската струка во средното општинско училиште „Ѓорче Петров“ во Крива Паланка ја освоија втората награда на дваесеттото јубилејно издание на престижниот кулинарски фестивал на храната и на виното, „Морски бисер“, кој се одржа од први до петти април, во Општина Супитер, Хрватска, на островот Брач.

Тимот од Крива Паланка беше предводен од менторот професор Дане Петровски, a му беше доделена наградата во категоријата за подготовка на традиционални јадења на модерен начин.

– Задоволство и голема одговорност е да се биде претставник на македонската делегација, да се биде дел од врвните мајстори на кулинарството од над триесет држави учеснички на годинашниот фестивал. Дотолку повеќе, гордоста е голема во таа силна конкуренција, каде што меѓу петстотини учесници од угостителски школи, шефови на кујни, слаткари, го освоивме второто место или сребрен медал, по оценката на жири-комисијата, за нашите специјалитети, почнувајќи од предјадењето, главното јадење и десертот – изјави Петровски.

Тој додаде дека подготвиле топло предјадење – топено сирење на модерен начин, главно јадење – пилешко месо во сос од кикиритки со свеж зеленчук, а за десерт – познатото трилече.

– Оваа награда е потврда за потенцијалот што го поседуваат нашите ученици, за квалитетната настава и обука, за практиката со која се стекнуваат во нашето училиште за да може да бидат рамо до рамо со врсниците од разни држави, како и да бидат дел од настан и директно да учат од врвни мајстори, готвачи и искусни кулинари од регионот – рече Петровски.

Интернационалниот фестивал „Морски бисер“ е познат фестивал на Медитеранот и во Европа, кој секоја година, на островот Брач,​​ собира врвни професионалци, готвачи и кулинарски експерти од целиот свет. Настанот е организиран од Здружението на готвачи од медитеранските и од европските региони „Шкмер“, со цел да ги обедини готвачите, келнерите, менторите, професорите по стручно образование и студентите што се впуштаат во кулинарската кариера, претставувајќи ги на едно место своите знаења, вештини, компетенции, искуство, ентузијазам, страст и почит кон колегите, културата, традицијата и кон гастрономијата.

 

ИЗДВОЕНИ