Високите цени на јајцата пред Велигден, кога побарувачката за нив е најголема, ги натера Србите, по примерот на Американците, да изнајмуваат кокошки кои за претстојниот празник ќе им снесат убави, органски јајца. Цените на јајцата во Србија се во пораст, па граѓаните не знаат што ги чека до Велигден.
Во Србија цената на 10 органски јајца достигнува и до 600 динари (300 денари), а дополнителните трошоци за сертифицирање на органски производи, кои изнесуваат 800 евра годишно, значително влијаат на крајната цена на овие производи. Потрошувачите наоѓаат различни начини да ги заобиколат високите цени, па одат дотаму што изнајмуваат кокошки за да им ги снесат, пишува „Блиц“.
Експертите посочуваат дека јајцата се одличен извор на хранливи материи, а органските јајца се поскапи поради слободното одгледување на кокошките несилки. Разликата во квалитетот на јајцето зависи од начинот на одгледување, но секое јајце кое не е расипано е добро јајце, посочуваат експертите.
Со оглед на тоа што цената на домашните јајца е околу 40 динари (20 денари), се поставува прашањето дали е поисплатливо да се изнајми кокошка. Според експертите, да, но само ако имате сопствен ресторан, пишува „Блиц“.
– Јадеме одлични јајца, тие се најсовршената храна. Сите витамини, сите потребни протеини, масти, холестерол, што сакате, се е во јајцето. А јајцето е целосна храна. Значи, во принцип, како што вели народот, последното јајце не му се дава ни на царот, посочува ветеринарот и земјоделскиот аналитичар Урош Давидовиќ.
Како што објаснуваат експертите, органското одгледување значи дека кокошката била во слободен систем, јадела органска храна и колвала низ дворот.
– Нема лоши јајца, има само лоши пребирачи на јајца. Се зависи од куповната моќ! Ако јајцето не е расипано, тогаш е добро. Оние кои се способни да платат секогаш ќе бидат ориентирани кон поквалитетни јајца, има причина за разликата во цената, вели Давидовиќ.
Изнајмувањето кокошки во последно време е многу актуелно во САД, каде што поради птичјиот грип се евтаназирани милиони кокошки, па јајцата добија баснословна цена. Но, како што пишува „Србија данас“ изнајмувањето кокошки станува вносен бизнис и експлодира во време на затворањето поради пандемијата. Тогаш некои луѓе земале кучиња и мачиња, а некои кокошки.
-За изнајмување кокошки, типичен пакет обично вклучува две до пет кокошки стари од шест месеци до две години, подвижен кокошарник, храна, хранилица, поилица и прирачник кој често вклучува и рецепти за јајца, пишува „Србија данас“.