Србија на нозе, регионот на штрек, двегодишната Данка ја бараат и под дрво и под камен!

995

Доброволци, полиција, Горската служба, ловци… со термални камери, дронови, хеликоптери, кучиња трагачи два дена и една ноќ безуспешно го проверуваат теренот во и околу Бањско Поле кај Бор, каде што исчезна Данка. Објава има по автопатите и на лед-екраните на аеродромот „Никола Тесла“. Можноста за грабнување заради откуп е исклучена

 

Србија е на нозе, а цел регион на штрек откако вчера во близина на градот Бор исчезна двегодишната Данка Илиќ.

По неа се уште без успех трагаат околу 200 полицајци, стотици доброволци, ловци, пожарникари, горската служба за спасување, а во потрагата се вклучени кучиња трагачи, термални камери, хеликоптери и дронови, кои целото попладне веднаш по исчезнувањето, ноќеска и денеска го пребаруваат теренот околу местото каде што ја снемало. Исчезнувањето на Данка беше повод во Србија конечно да се активира системот „Најди ме“, познат како „амбер алерт“, кој овозможи за само неколку минути цела Србија да дознае за овој случај. Освен ова, на аеродромот Никола Тесла на лед-екраните има објава за исчезнато дете, а објави има и на автопатите, така што се верува дека никој не би се осмелил да ја пренесе преку граничен премин.

Нејасно е како толку мало дете можело да го снема за само 15 минути, колку што и требале на полицијата да тргне во потрага. Според претставник на Горската служба дете на таа возраст може да отпешачи најмногу шест километри, но по рамен терен, а според него, теренот каде што исчезнала Данка е тежок.

Можноста девојчето да е грабнато за да се бара откуп е исклучена, зашто нејзиното семејство не е имотно. Се испитува и можноста родителите да се вклучени во исчезнувањето. Според информациите што ги лиферуваше  „Блиц„ тие денеска биле однесени во полиција, каде таткото бил ставен на полиграф.

-Полицијата ги проверува приватниот живот и контактите на членовите на семејството на исчезнатата Данка Илиќ. Не исклучува ниту една можност додека не се испита се детално, рекол изворот на „Блиц“, кој информира и дека мајката е бремена.

На малата Данка секоја трага ѝ се губи во вчера по 13 часот во приградската населба Бањско Поле, каде што си играла со мајката и со братот. Откако безуспешно ја барала по околината, мајката исчезнувањето го пријавила околу 15 часот.

-Двегодишното девојче Данка Илиќ исчезна денеска околу 13 часот и 45 минути, во населбата Бањско Поље, ул. Војвода Радомир Путник бр. 19, град Бор. Има кафена коса, кафени очи, висина околу 85 см. Во моментот на нејзиното исчезнување таа носела маслинесто зелена јакна, виолетови панталони и црни патики, објави   српската полиција.

Мајката на исчезнатото девојче, Ивана Драгомировиќ кажа дека живеат во Бор, но дека ги донела децата во населбата Бањско Поле, каде што по потекло се нејзините родители, за да си играат.

-Додека се завртев, неа ја немаше. Уште нема две години, во мај ќе наполни две години. Не зборува уште. Ја викав, таа не ми одговори. Во близина има шума. Му се молам на Бога што побрзо да ја најдеме, изјави таа за медиумите, објаснувајќи дека девојчето го снемало во моментот кога отишла да му наполни вода на постарото дете.

Денеска за првпат се огласи и таткото на малата Данка, Милош Илиќ.

-Злато татино, ќе те најде тато“! Свету мој мал!, рече тој

Инаку, ноќеска  додека се трагаше по девојчето температурата во Бор и неговата околина се спушти на само 6 степени Целзиусови, а дождот престана само за кратко. Припадниците на Планинарската спасувачка служба објаснија дека во нормални околности тоа се добри услови за потрага, но дека секоја минута е важна, бидејќи се работи за двегодишно девојче.

Над местото каде што исчезна Данка Илиќ има пат до шума која не е густа, но во која има многу густа ниска вегетација. Според српските медиуми полицијата ги претражила сите шупи и напуштени објекти на тој терен.

И во текот на денешниот ден полицијата ја чешлаше секоја педа во делот на Бањско Поле.  Во населбата беа само полицијата, спасителите, Горската служба и неколку новинарски екипи.

-Сите приоди беа блокирани и населбата беше пуста, јави репортер на „Телеграф“ од самото место.

Тој информира и дека потрагата е проширена кон населениот дел на Бањско Поле. Теренот го претражуваа припадници на полициската Жандармерија, на Горската служба за спасување и граѓани доброволци, а дронови продолжија да го надлетуваат тоа подрачје. Според надлежните куќата на исчезнатото девојче е малку над населбата, а делот околу неа е веќе пребаран. Репортерот на Танјуг јави дека доброволците се организирани во помали групи од по 20 лица кои одат заедно со полицијата, за да се избегне ситуацијата од претходниот ден, кога на кучињата трагачи им се мешале мирисите поради метежот. Сите сопственици на викендички се повикани да дојдат и да ги отворат за да бидат пребарани. На неколку пунктови полицијата ги проверува и возилата што поминуваат.

Се огласи и Игро Јуриќ, чија ќерка беше киднапирана и убиена пред 10 години, по што ја формираше фондацијата „Тијана Јуриќ“, која се залага за доживотен затвор за тешките дела.

-Знаејќи и водејќи се од искуството од потрагата за нашето девојче, морам да ви кажам дека полицијата е многу претпазлива при давање на какви било информации на медиумите и граѓаните, токму од причина да не ѝ се наштети нешто на самата потрага и тоа  е нешто што можеме да го очекуваме и во наредниот период, рече тој во своето вклучување во „Јутро на Блицу”.

Тој додаде дека околностите се многу нејасни, девојче од две години се изгубило за многу кратко време.

– Но, повторувам, искуството ни зборува дека исчезнувањето на деца често се случуваат баш така, во еден момент да го изгубите детето од вид и тогаш настанува пекол, кажа Јуриќ.

Информациите во врска со исчезнатото девојче ги пренесуваат сите медиуми од регионот, а по активирањето на системот „Најди ме“ српските граѓани добија пораки со опис на Данка. Некои ги примиле во истата минута, некои  два-три часа подоцна, а причина за тоа е што во една минута мобилните оператори можат да испратат максимум 50.000 СМС пораки.