Претседателот на Стопанската Комора, Бранко Азески во поткастот „Бизнис клуб“ кој тој го води, најави дека Комората во наредниот период ќе се фокусира на два проекта: спречување на одливот на мозоци од нашата земја и поддршка на извозот, што ќе придонесе за задржување на кадарот во земјава.
– Приходите пораснаа од 32 милиони денари во 2005 година на 110 милиони денари во 2024 година, а создадена е и база на професионалци кои ќе работат следниве 10 години – потенцираше Азески.
Во разговорот тој ги спомена и институциите што настанале во Комората во периодот од 2005 година до денес: Центарот за едукација, Советот на странски инвеститори, Националниот совет за извоз, Институтот за извоз, Клубот на извозници, Советот за унапредување на квалитетот на тренингот и обуките, Советот за унапредување на високото образование и стратешките истражувања, Центарот за циркуларна економија, Клубот 100, Бизнис-клубот „Европа“, Центарот за микро, мали и средни претпријатија и ТИМ 40, кои се формирани со цел подобрување на бизнис-амбиентот во земјава.
Во последната епизода од првата сезона на поткастот „Бизнис-клуб“ стана збор и за гледаноста на поткастот од неговото прво емитување во ноември минатата година до денес.
– Се покажа дека 70% од публиката која ги гледала емисиите од поткастот се млади лица на возраст од 25 до 45 години. Тоа покажува дека со поткастот се допрело до младото работоспособно население, што беше и целта, а тоа, можеби, ќе влијае врз неговата одлука за останување во државава и за градење на професионалната кариера на домашен терен – рече Азески.