Општина Куманово го избра сувенирот на Општината за 2024 година, „Спортска сала Соколана Куманово“, со мотив „Да ја сочуваме“, соопштија од локалната самоуправа.
Сувенирот е дело на кумановскиот автор Јелена Спасовски, приспособен за масовно производство, со цел да се користи за промоција на Куманово.
– За изработката користев срмен конец, жица, акрилна боја, ставена на тафт подлога во дрвена рамка. Се инспирирав од Соколана која е обележје на Куманово – изјави авторката Спасовски.
Повикот беше објавен во октомври годинава. Општината на овој начин поддржува идеи и автентични трудови, со цел да придонесат кон креирањето на производ кој ги отсликува карактеристиките на градот, во насока на зголемена промоција. Сувенирите треба да ги содржат елементите на препознатливост и да ја отсликуваат традицијата и културно-историските, духовни, материјални и природни богатства на градот.
– На претходно објавениот јавен конкурс учествуваа тројца автори со свои креативни дела, во кои беа содржани елементи на препознатливост, отсликување на традицијата и културно-историските, духовни, материјални и природни богатства на Куманово – изјави градоначалникот на Општина Куманово, Максим Димитриевски.
Општината за оваа намена одвои 100.000 денари без ДДВ, при што првиот дел од износот изнесува 30.000 денари и ќе биде наменет за добитникот за мотивација и вложен труд. Вториот дел од наградата, добитникот на наградата во меѓусебен потпишан договор со Општина Куманово, зависно од проценетата вредност на трудот, должен е да достави одредена количина на сувенирот на општина Куманово во износ од 70.000 денари.
Куманово неодамна доби сувенирница, сместена во простор на Занаетчискиот дом. Таа претставува траен симбол на посветеноста кон промовирањето на занаетчиството и туризмот. Локалните занаетчии имаат простор за презентацијата на своите дела.