Деталниот урбанистички план градски кварт С19, блок 7, кој предвидува изградба на три згради осумкатници во Ченто повторно ќе биде ставен на јавна анкета пред граѓаните, а дел од нивните забелешки ќе бидат инкомпонирани во Предлог- Деталниот урбанистички план.
Ова било договорено на средбата што жителите на Ченто ја имале викендов со градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски, на негова иницијатива во просториите на општина Гази Баба .
– На средбата се презентираше комплетната регулатива поврзана со предложениот план, но фактот е што дел од присутните не беа запознаени со одредени регулативи кои се утврдени согласно Генералниот урбанистички план и регулацискиот план, што е уште еден показател дека е потребен дијалог во институциите. Остануваме отворени за граѓаните, бидејќи општината им припаѓа на нив, а наша обврска како раководство е да создаваме услови за подобар и поквалитетен живот за сите – истакна Стефковски.
Инаку, ДУП предвидува една маркичка за зграда на местото на „Дим маркет“, втората зграда, пак, треба да се гради на зеленото тревно детско игралиште наспроти белата зграда каде што се наоѓа Комерцијална банка и третата – на ридот спроти најстарата зграда заобиколена со 60 дрвја и зеленило, до новото детско игралиште.
Реагираа жителите, бидејќи со изградбата на трите осумкатници ќе се уништат детски игралишта, нивен легализиран имот, за кој, како што велат, одвојувале од себе и од своите семејства. Воедно, ќе бидат исечени 60 дрвја на јавна површина, ќе се вметнат сервисни улици и ќе се избришат постојните паркинзи на постојна зграда.
Жителите на Ченто во саботата се организираа и на пунт поставен пред Комерцијална банка, кај маркетот „Дим“ собираа потписи за две петиции од кои едната е за барање на нова јавна презентација на ДУП, а другата е за итно запирање, на како што велат ваков штетен план за сите жители на општина Гази Баба. При тоа, како што велат само за еден час биле собрани над 400 потписи.
(А.П.)