Ако поминувате крај Миравци, најдете малку време да свртите од автопатот Е-75, дојдете во него и погледнете го ова интересно здание кое, благодарение на миравчаните Васил Шпиров, Камов Јован, Камов Костадин, Јованов Милан и Слободан Костадинов, првпат го објавува весникот ВЕЧЕР. Нека биде ова и потсетување за миравчани и гевгеличани дека од овој споменик и од оваа приказна може да се направи убава туристичка атракција. Приказната за овој споменик, односно за човекот во чија чест бил изграден, која ја кажувале жителите на ова место од поколение на поколение, започнува во времето на еден исклучително турбулентен период, периодот  на Балканските војни, во 1912 и 1913, како и Првата светска војна од 1915 до 1918 година

Македонија изобилува со прекрасни природни убавини што го одземаат здивот секогаш кога ќе ги видите. На југот на нашава земја се наоѓа едно населено место, сместено на 110 метри надморска височина и каде што чиниш тука Господ истурил такви убавини, што ако еднаш дојдете во него, ќе посакате повторно да се вратите. Се работи за Миравци сместено во Гевгелиско-валандовската котлина, на 25 километри северно од Гевгелија. За тоа како ова населено место го добило името има две преданија. Според едни, името Миравци доаѓа од зборот „мира“, што означува зелена пространа затревена површина, а според други по зборот мир, спокојство.

Како и да е, за овој предел се вели дека ги има најубавите реки, полиња, највкусниот зеленчук и познатите миравски кикиритки.

Освен тоа, на ридовите над Миравци се наоѓа излетничкото место Бел Рај, сместено во подножјето на Кожуф Планина. Тука Стара Река низ карпите формирала природни базени што се полни со бистра вода и се идеална можност за разладување. Вистински рај, сместен меѓу бели варовнички карпи. Во близина на селото Миравци, на патот кон селото Петрово може да го видите и „Римскиот мост“, кој сведочи за долгата историја на овој предел кој со текот на вековите била населена со разни народи. Русалиските игри што се негуваат и ден денес во Миравци и Петрово се остаток од духовната култура на Римјаните и Грците.

Секоја година, на третиот ден на Велигден, во Миравци се организира манифестацијата „Ѓура-Мара“, а во ова место во 1952 година е пронајден примерок од книгата „Огледало“ од Кирил Пејчиновиќ, испечатена во Будим, во 1861 година, која денес се чува во градската библиотека во Гевгелија.

Но, овој пат, читателите на весникот ВЕЧЕР ексклузивно ќе имаат можност да ја прочитаат досега необјавената сторија за споменикот во Миравци, кој ќе ве пречека на самиот влез од ова населено место.

Приказната за овој споменик, односно за човекот во чија чест бил изграден, која ја кажувале жителите на ова место од поколение на поколение, како и внукот од сестра на самиот главен актер на приказната, Костадин Камов, кој во длабока старост живее во Скопје (а не ми е познато од кои причини не била никогаш и никаде запишана), започнува во времето на еден исклучително турбулентен период, периодот на Балканските војни во 1912 и 1913, како и Првата светска војна од 1915 до 1918 година. Во тоа време кога разни војски крстосувале во овие предели, жителите на Миравци живееле во сиромаштија и се занимавале претежно со сточарство и правење на ќумур. Мажите биле земани на фронтот, а земјата немало кој да ја обработува. Тешките услови за живот ги преживувал и миравчанецот Јован Камов(иќ), кој поради својата височина и развиеност бил земен како гардист во српската војска.

Кога во 1915 година Српската војска била нападната од Германија и Бугарија, таа со многу загуби заедно со стариот крал Петар I и престолонаследникот Александар се повлекле преку Албанија на островот Крф, каде што била реорганизирана војската. Кралот Петар I се повлекол од кралските должности поради болест, а престолонаследникот Александар станал регент.

Српската војска била транспортирана од Крф, во околината на Солун од 18 април до 30 мај 1916 година. Александар пристигнал во Солун на 1 август 1916 година. Бугарија започна офанзива на солунскиот фронт на 17 август. Македонскиот фронт (познат и како Солунски фронт или Јужен) бил фронт на територијата на Македонија, на која што се воделе вооружени судири во текот на Првата светска војна помеѓу силите на Антантата и Централните сили, во периодот од октомври 1915 до септември 1918 година. Фронтот се протегал од демаркационата линија кај Охрид (меѓу градот и манастирот Свети Наум), преку планината Галичица, Преспанското Езеро, сртовите на планините Баба, Ниџе (Кајмакчалан) и Беласица, долж реката Места до Струмскиот Залив во Егејското Море.

Посебно тешка битка се водела околу Горничево. На 8 септември 1916 година, Александар дошол на набљудувачката станица каде што биле убиени неколку команданти. Оттаму издавал наредби. Неговото храбро пристигнување на опасното набљудувачко место го подигнал борбениот морал на српската војска, која неколку дена подоцна го пробила бугарскиот фронт и победила во битката кај Горничевска.

Од кажувањата на миравчани, како и од внукот Костадин Камов, најверојатно при таа битка Александар Караѓорѓевиќ бил нападнат и опколен (некои велат дека при тоа бил и ранет?), а токму Јован Камов, кој во тој момент се нашол во неговата близина му помогнал да се извлече, носејќи го на својот грб неколку километри, спасувајќи му го животот.

По завршувањето на Првата светска војна, Јован се враќа во своето Миравци и започнува да го живее својот сиромашен живот, обработувајќи ја земјата и чувајќи стока. А, за неговата височина, таткото на Слободан Костадинов, еден од оние кој го познавал дедо Јован, кажува дека тој јавал на магаре, а кога сакал да застане, застанувал на двете нозе додека магарето под него продолжувало да оди.

Изминале повеќе години, и, според кажувањата, во една пригода, тогаш кралот Александар доаѓа во околината на Миравци. Имено, Кралството на кралот Александар Караѓорѓевиќ се протегало на територијата на денешните држави Македонија, Србија, Црна Гора, Босна, Хрватска и Словенија, вклучувајќи ги и брегот на Јадранското Море и Панонската низина. Со тоа Кралот Александар имал бројни можности да избира локации за садење на лозовите насади низ целото кралство. Но, следејќи ги препораките на своите мудри советници, тој ја донесува вистинската одлука и го избира микрорегионот на Демир Капија како идеална локација за своите лозови насади. Воедно ја гради и најстарата винарница на Балканот – кралската винарница „Вила Марија“ во 1928 година.

Веројатно во тоа време решава да го побара Јован Камов. Тој испраќа неколку војници од неговата гарда да најдат каде живее Јован и да го донесат кај него. Гардистите ја нашле куќата каде што живеел и го донеле Јован пред кралот. На изненадување на насобраните соселани, Јован и кралот се поздравиле прегрнувајќи се. По краткиот разговор кралот Александар го запрашал Јован што може тој да изгради во селото или за него, како благодарност што во таа битка Јован го спасил неговиот живот. Но, бидејќи Јован бил скромен човек, тој не побарал ништо.

Кралот тогаш наредил на Јован да му се изгради куќа налик на винарницата во Демир Капија, (која подоцна била уништена во пожар), а во негова чест да биде подигнат споменикот кој бил изграден во 30-тите години од 20 век (на сликата од Миравци од 1931 година споменикот веќе се гледа), а и ден-денес стои на влезот во Миравци. Затоа, некои миравчани овој споменик го нарекуваат уште и „Споменик на храброста“.

На врвот од споменикот, најпрво имало двоглав орел, но по окупацијата на Бугарите во 1941 година тие го урнале со митралез, за да по ослободувањето од страна на Комунистичката партија на Македонија на тоа место била поставена петокрака. Сега на тоа место нема никакво обележје, но, како што велат миравчани, иако тој е во добра состојба, би било потребно негово обновување, за да остане како спомен на едно време.

Прегледувајќи по интернет за спомениците кои Србија ги градела по Првата светска војна, наидов на сличен споменик како овој во Миравци, се разбира со поголем габарит, во градот Аранѓеловац. Се работи за Спомен костурница на настраданите во Првата светска војна која е изградена помеѓу 1933 и 1938 година.

Ако поминувате крај Миравци, најдете малку време да свртите од автопатот Е-75, дојдете во него  и погледнете го ова интересно здание кое, благодарение на миравчанецот Васил Шпиров, Камов Јован, Камов Костадин, Јованов Милан и Слободан Костадинов, за првпат го објавува весникот ВЕЧЕР. Нека биде ова и потсетување за миравчани и гевгеличани дека од овој споменик и од оваа приказна може да се направи убава туристичка атракција.

Љубчо АЛЕКСОВ

ИЗДВОЕНИ