Сплит тренира строгост: 300 евра казна за спиење, уринирање и повраќање на јавно место, качување по споменици, скокање во фонтани

711

На списокот на градови во кои туристите, особено британските, познати по пијанчењето и вандалското однесување, не се добродојдени, се запиша и хрватскиот Сплит.

-Сплит е на листата на градови кои не се љубезни кон непослушните туристи, особено оние од Велика Британија. По минатогодишните ужаси и немири, Сплит ги презеде сите мерки да го спречи ваквото однесување на туристите. Има и знаци кои предупредуваат дека ќе бидете казнети со 300 евра ако уринирате на јавно место, се качувате на споменици, скокате во фонтани или спиете на јавни места, додека блуењето може да ве чини 150 евра. Покрај тоа, градот ангажирал приватна компанија за обезбедување која патролира по улиците од 22 часот до 4 часот наутро, пишува Т портал.

Слично направија и во Дубровник каде што градските власти го ограничија бројот на бродови за крстарење, што можат да се закотват во историското јадро на градот.

Сплит и Дубровник се само мал дел од списокот на градови кои се строги кон туристите, со акцент на британските. Една од омилените  дестинации на Британците е шпанскиот остров Тенерифе. Таму локалното население со разни графити јасно им става до знаење дека не се добредојдени. Протести против британските туристи летово имаше во повеќе градови на Шпанија, како Мајорка каде што маршираа 10.000 жители и Барселона. И Амстердам, градот кој годишно го посетуваат 20 милиони туристи, почна кампања против доаѓањето на Британци на возраст од 18 до 35 години, откако во изминатиот период мештаните се жалеа дека пијаните Британци уринирале на јавни места, повраќале во каналот и учествувале во тепачки додека се журкале низ градот.

Венеција, исто така, им се спротивставува на туристите на свој уникатен начин. Посетата на градот чини пет евра, крузерите се забранети во историското јадро, а на туристите им е забрането седење на скалите. Во Француска Прованса нема протести против туристите, но поставени им се граници: дневно се дозволени 400 посетители.

Списокот на туристички градови кои стануваат непријатели на странските туристи се шири, а една од причините е тоа што масовниот туризам го нарушува животот на месното население. Дестинација која сè уште е најпријателски настроена кон туристите е Грција.