Сплиќанец си ја силувал сопругата. Осуден е на 5 години затвор, но се онесвестил на суд при изрекување на пресудата.
Пет години и еден месец затвор доби 33-годишен сплиќанец поради силување на сопствената сопруга. Пресудата не е правосилна, но по сила на законот тој веднаш оди во затвор.
Откако претседателот на судскиот совет Динко Мешин го прогласи за виновен и ја прочита казната, мажот се онесвести во судницата. Службениците на правосудната полиција морале да му пријдат на помош за да се освести, објави Слободна Далмација.
Судот утврдил дека на 20 октомври 2023 година, по консензуален сексуален однос, жената сакала да престане поради силни болки и вриснала три пати. Обвинетиот потоа ја фатил за врат со рацете и ја притиснал со својата тежина, игнорирајќи ги нејзините обиди да го спречи. Жртвата почнала да губи воздух и да се гуши, но обвинетиот не застанал додека не го завршил чинот.
Клучен доказ на судењето беше сведочењето на жртвата, кое судскиот вештак го најде веродостојно и убедливо по извршеното тестирање и вештачење.
Покрај казната за силување, мажот е осуден на дополнителни три месеци затвор бидејќи полицијата во неговиот дом во регионот Имотска Краина пронашла рачно изработен пиштол и 22 парчиња муниција. Сè беше комбинирано во единствена затворска казна од пет години и еден месец.