„Претставата ќе биде аудиовизуелно патување низ македонската драматургија, поезија, проза и ликовна уметност. Приказна посветена на сите големи актери, режисери, драматурзи, но и на сите оние луѓе кои се зад кулисите и помагаат во создавањето на сценскиот универзум во МНТ“, вели директорот на МНТ, Никола Кимовски. Прославата на јубилејот продолжува со премиерната изведба на претставата „Варвари“, дело на рускиот писател Максим Горки, во режија на Владимир Милчин, која ќе се одигра на 23 април

 

Голем спектакл со мултимедијалната претстава „Сонцето, колку е блиску сонцето“ made in MNT, во режија на Дејан Пројковски, ќе се одржи на 3 април, по повод чествувањето „80 години Македонски народен театар“. Според директорот на МНТ, Никола Кимовски, со овој спектакл ќе се доживее спојот на минатото и сегашноста преку клучните вредности на Македонскиот народен театар  (љубов, уметничка храброст, посветеност, визија, тимска работа, чување на традицијата и создавање нови вредности за иднината).

„Претставата ќе биде аудиовизуелно патување низ македонската драматургија, поезија, проза и ликовна уметност. Приказна посветена на сите големи актери, режисери, драматурзи, но и на сите оние луѓе кои се зад кулисите и помагаат во создавањето на сценскиот универзум во МНТ. Публиката ќе биде дел од едно големо мултимедијално патување во театарот на сонцето“, изјави на вчерашната прес-конференција, Кимовски, кој ја обелодени годишната програма на оваа национална установа, која ќе се одржи под мотото „Приказни поголеми од времето“.

Прославата на јубилејот продолжува со премиерната изведба на претставата „Варвари“, дело на рускиот писател Максим Горки, во режија на Владимир Милчин. Претставата ќе се одигра на 23 април, со моќна, масовна и бравурозна екипа од 23 актери: Тони Михајловски, Габриела Петрушевска, Никола Ристановски, Звездана Ангеловска, Софиа Насевска-Трифуновска, Владо Јовановски, Григор Јовановски, Ана Стојановска, Оливер Митковски, Тања Кочовска, Александар Микиќ, Верица Недеска, Сашко Коцев, Гораст Цветковски, Јордан Симонов, Сашка Димитровска, Емил Рубен, Александар Ѓорѓиески, Дамјан Цветановски, Ивица Димитријевиќ, Александар Михајловски, Jана Вељановска и Стефан Спасов. Од нив, повеќето се студенти на проф. Владимир Милчин, а значајно е што ова дело за првпат се поставува во Македонија.

Кимовски посочи и дека покрај тековната програма на сцената повторно ќе бидат вратени претставите „Бесачи“, „Ничија земја“ и „Сите сме птици“, а репертоарот ќе се збогати и со новите претстави поддржани од ресорното Министерство. Покрај „Варвари“ тоа се и „Три сестри“ според драмата на А. П. Чехов, а по текст на Ана Ристоска Трпеноска и детската претстава „Земја на заборавените сказни“ во режија на Срѓан Јаниќијевиќ. „Земјата на заборавените сказни“ е уникатна театарска авантура која го слави духот на природата и моќта на имагинацијата. Автори на овој проект се Симон Трпчевски и реномираната писателка Билјана Црвенковска. Претставите ќе бидат поставени на големата сцена, а режисерите кои ќе работат на овие значајни проекти како Дејан Пројковски, Нела Витошевиќ и Срѓан Јаниќијевиќ се вработени во МНТ. До крајот на годината треба да излезе и Монографијата „80 години Македонски народен театар“.

Програмата за Летната сцена „Славиша Кајевски“, пак, ќе стартува од 10 и ќе трае до 20 јуни и ќе биде во рамките на „80 години Македонски народен театар“. Концептот оваа година ќе биде насочен кон концертни настани на македонски изведувачи.

МНТ потпиша и неколку Меморандуми за соработка кои ќе се реализираат во тековната година, меѓу кои со Факултетот за драмски уметности – Скопје (ФДУ), Националната опера и балет (МОБ), со Интернационалниот Универзитет ЕУРОПА ПРИМА – Скопје, како и со Факултетот за музичка уметност – Скопје, (ФМУ).

„Од меѓународните посебно ги издвојуваме, потпишувањето на Меморандумот за соработка со еден од најголемите и најзначајните театри во Европа – Националниот театар (Nemzeti Színház), Будимпешта, Унгарија. Со овој договор Македонскиот народен театар и Националниот театар на Унгарија стануваат партнери што ќе реализираат заеднички проекти и размена на претстави од двата театри“, истакнува директорот Кимовски.

Инаку, само за драмската дејност во МНТ од буџетот на Министерството за култура и туризам за годинава се издвоени 6,3 милиони денари.

„Досегашното искуство ни покажува дека помасовна е театарската публика постара од 30 години, која веќе има изградено редовна навика за посета на театарски претстави. Но, досегашното искуство, исто така, ни покажува дека учениците од средните училишта редовно ги посетуваат претставите, кои се секако наменети за нивната возраст. Минатата година МНТ го посетија над 66.000 гледачи“, беше кажано на прес-конференцијата.

Техничкиот раководител Гунтер Кубе, пак, истакна дека има голем список и на активности кои годинава треба да се преземат во МНТ, а се поврзани со техниката и структуралните прилики во кои се наоѓа театарот. Директорот Кимоски пак, додаде дека ќе мора да се инвестира во осветлувањето на театарот, со оглед на влошување на внатрешната и надворешната состојба на театарот.

„Ќе започнеме етапно со санација на просторот кој ние го нарекуваме ‘мало театарче’ и каде сега е поставена кофа, бидејќи протекува од еден од балконите. За ова санација, освен од државниот буџет, ќе се обидеме да добиеме и донации. Годинава прво ќе работиме на санација на најкритичните делови, санација на терасата и осветлување на целиот објект, бидејќи навечер е темно и несигурно за посетителите“, посочи Кимовски.

Според Кимовски за одржување на објектите и опремата, МНТ доби 1.139.000 денари, за издавачка дејност- 350.000 денари, за европски интеграции – 340.530  денари и за меѓународна соработка: 1.100.000 денари.

Меѓународни гостувања и соработка на МНТ

 „Акцентот во 2025 е ставен на меѓународната соработка, односно гостувања на МНТ надвор од границите, како и гостувања на други театри на сцената во МНТ.

Турнејата на МНТ ќе започне со најактуелните претстави од големата и малата сцена, а тоа се претставите ‘12’ во режија на Синиша Евтимов и ‘Народен пратеник’ во режија на Егон Савин“, додава Кимовски.

На 8 април во Црногорско народно позориште – ЦНП, Подгорица, ќе се одигра „Народен пратеник“, а ден потоа и претставата „12“. На 11 април следи гостувањето на „Народен пратеник“, а на 12 април на претставата „12“ во Сараево, Босна и Херцеговина. Оваа претстава на 15 април ќе биде дел од фестивалската програма „5РЕ“ во Велес, а на 17 јули дел од програмата на „Охридско лето“. Претставата „12“ ќе биде изведена и на сцената во Центарот за култура „Григор Прличев“. МНТ ќе учествува и на фестивалот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп. Во вториот блок, во текот на септември, предвидено е гостувањето со „Ничија земја“ во Националниот театар (Nemzeti Színház), Будимпешта, Унгарија, а гостување во театарот „Иван Вазов“, Бугарија ќе се случи на есен со „Народен пратеник“. Еден од настани на кој ќе присуствува МНТ е и Меѓународната театарска конференција на ETC, насловена “Thrive Theatre Thrive! Keep the Flame Alive“, која ќе се одржи од 3 до 7 април во Националниот театар на Грција во Атина.

На сцената на МНТ годинава, пак, покрај Црногорско народно позориште, со претставата „Господа Глембаеви“ (17 март), ќе гостува и Народно позориште Сараево на 21 мај со „Сараевскиот трговец“. На 22 ма, пак, гостува „Селска опера“ во режија на Андраш Урбан. Предвидено е и гостувањето на Словенско народно гледалишче, Љубљана со претставата „Докторот“.

МНТ е исто така во преговори за организирање на иновативна работилница за тон и светло, наменета за театарските професионалци во нашата креативна заедница.

(Д.Т.)

 

ИЗДВОЕНИ