Настаните во рамки на програмата под наслов „Од станица до станица“, во текот на целиот ден се одвиваа низ улиците и плоштадите, оживеани од музичари, игроорци и други изведувачи. Македонскиот министер за култура и туризам Зоран Љутков, освен на отворањето учествуваше и на состанокот на министри за култура на Западен Балкан, на кој се разговараше за улогата на културата, меѓународните културни проекти вклучително и европските престолнини на културата во функција на одржливиот развој
Со незаборавен културен спектакл, вчеравечер, во Нова Горица, се одржа спектакуларна церемонија на отворање на првата транснационална „Европска престолнина на културата ГО! Нова Горица/Гориција“. Отворањето на кое присуствуваше и македонскиот министер за култура и туризам, Зоран Љутков, се одржа на плоштадот „Европа“, кој симболично го претставува срцето на Нова Горица и Гориција, два града во две земји, кои здружени испишуваат ново поглавје во културата – „Без граници“. Настаните во рамки на програмата под наслов „Од станица до станица“, во текот на целиот ден се одвиваа низ улиците и плоштадите, оживеани од музичари, игроорци и други изведувачи.
Нова Горица (Словенија) и Гориција (Италија), како Европска престолнина на културата со над 600 културни активности и околу 60 проекти, заедно ќе ја слават заедничката историја, отворените граници и културната разновидност на регионот. Инаку, овие два соседни града или некогаш еден град поделен со граница, Нова Горица во Словенија и Гориција во Италија, покрај Кемниц во Германија, се европските престолнини на културата за 2025 година.
Иницијативата Европска престолнина на културата постои од 1985 година и до сега оваа титула ја понесоа 60 градови. Целта на иницијативата е да се истакне културната разноликост и културното богатство на Европа како и да се поттикне културниот развој на градовите.
Градот Скопје, пак, е избран за Европска престолнина на културата за 2028 година.
Во текот на денешниот ден, министерот Љутков, кој е во дводневна посета на Нова Горица, учествуваше на состанокот на министри за култура на Западен Балкан, на кој се разговараше за улогата на културата, меѓународните културни проекти, вклучително и европските престолнини на културата во функција на одржливиот развој. На настанот присуствуваа и еврокомесарите Марта Кос и Глен Микалеф, а домаќин беше словенечката министерка за култура Аста Вречко.
„Културата е моќен двигател за позитивни промени во нашите општества и економии, а нејзиниот потенцијал има особено влијание врз унапредувањето на одржливиот развој. Во светот што се соочува со предизвици на климатски промени, економска нееднаквост и социјална поларизација, културата се јавува како мост што ги поврзува економските, социјалните и еколошките аспекти на развојот на една држава. Етичката димензија на културата, пак, е од клучно значење за создавање инклузивно и праведно општество. Преку промоција на вредностите, како што се почитувањето на човековите права, различноста и еднаквоста, културата ја гради основата за одржлив социјален напредок… Тука би ја споменал и културната дипломатија, која претставува моќно средство за глобално поврзување, разбирање, соработка и мир меѓу народите“, посочи, меѓу другото, министерот Зоран Љутков. Тој во контекст, пак, на европските престолнини на културата, истакна дека активностите во овој процес ја стимулираат и ја поддржуваат мобилноста на уметниците и размената на знаења и искуства на културните професионалци.
„Во тој контекст, сакам да порачам да ја искористиме моќта на културата за да го поттикнеме одржливиот развој во сите негови аспекти. Титулата ‘Европска престолнина на културата’ е можеби една од најдобрите можности за реализација на оваа визија бидејќи не само што ќе ја збогати нашата културна сцена, туку ќе создаде трајни ефекти на економски, социјален и еколошки план“, истакна Љутков. Тој зборуваше и на тема „Интернационализација на културата: Споделување на најдобрите практики за глобалната култура, презентации и други заеднички транснационални соработки“.
„Во време кога културната размена и заедничките меѓународни проекти полека стануваат клучни алатки за градење мостови на разбирање и солидарност меѓу народите, сакам да го потенцирам значењето што мојата земја во септември минатата година беше домаќин на Вториот министерскиот состанок на Регионалната платформа за култура, во рамките на Управувачката платформа за култура, истражување и иновации, образование и обука на ЕУ за Западен Балкан.
Нашата земја, како дел од глобалната културна мрежа, активно учествува во различни меѓународни културни иницијативи и програми за размена на уметници и културни работници. Со помош на таквите програми, наши уметници имаат можност да покажат свои дела на светската сцена и да ги збогатат своите искуства, но, исто така, и да учат од другите култури, а тоа е одличен начин за создавање силни и долготрајни културни врски. Овде морам да го истакнам и фактот дека регионалната соработка на нашата земја во делот на културата, во голема мера, се должи и на успешната работа и дејствување на културно-информативните центри на Република С Македонија во странство“, додаде Љутков. Тој напомена и дека интернационализацијата на културата не е само прашање на културна размена. „Таа има и важна димензија на зачувување на културното наследство. Затоа од особено значење се и глобалните активности за заштита и зачувување на нашето културно богатство, преку проекти како што се оние на УНЕСКО, со што се создава солидна основа за идните генерации да го ценат и да го чуваат она што сме го наследиле, потенцираше Љутков.
Тој ќе присуствува и на свеченото отворање на реновираната галерија „Стопа“ во Нова Горица во организација на МКД „Охридски бисери“.