Кинескиот претседател Си Џинпинг нареди да се испратат сите расположливи сили во Тибет за да се спасат што е можно повеќе луѓе по земјотресот со јачина од 7 степени според Рихтеровата скала што го погоди регионот.
Тој, исто така, повика на превенција од катастрофи, соодветно преселување на погодените жители и ефикасно справување со последиците од несреќата, објави новинската агенција Синхуа.
– Неопходно е да се зајакне следењето на земјотресот и раното предупредување, брзо да се дистрибуира итна помош за спасување, да се забрза поправката на оштетената инфраструктура, да се обезбедат основните потреби на населението и да се гарантира безбеден зимски период за сите – рече Си.
Земјотрес со јачина од седум степени според Рихтеровата скала утринава ги погоди областите Тингри и Шигаце во Тибет.
Во радиус од 20 километри од епицентарот се наоѓаат три града и 27 села во кои живеат речиси 7.000 жители. Властите ја потврдија смртта на 95 лица, додека 130 се повредени. Многу згради се урнаа, а екипите бараат преживеани под урнатините, јавуваат кинеските државни медиуми.
Трусно подрачје
По земјотресот, сеизмолозите забележаа 49 последователни потреси.
Земјотресите во Кина најчесто се регистрираат на Тибетската висорамнина или нејзините рабови, област која е сеизмички активна поради судирот на индиската и евроазиската плоча, предизвикувајќи издигнување доволно силно за да се промени висината на Хималаите. Ова е кревка област каде земјотреси се регистрираат речиси секој ден, а речиси 4.800 луѓе загинаа во најсилниот регистриран земјотрес од 8,7 степени, кој го погоди Тибет во 1950 година.