Спасовски: Законот за бранители решава отворено прашање, постапката да продолжи

26

Ние го поднесовме предлог Законот за бранителите затоа што сметаме дека треба да се затвори ова прашање, што предолго е отворено, каде семејствата на починатите бранители не се обештетени, треба да влезат во оваа категорија и оние кои ги дале својот живот во некои незгоди кои се случија, трагедии, како хеликоптерската несреќа.

Ова го посочува во интервју за Радио Слободна Европа пратеникот на СДСМ и координатор на пратеничката група, Оливер Спасовски.

Тој ја обвини власта за двојни аршини во македонското Собрание и неосновано прекинување на законската постапка.

– Не може законско решение за кое се отвора дебата во законодавниот дом да биде предмет за креирање некакви тензии. Напротив, законодавниот дом е местото во коешто треба да ги отвориме сите дебати, да расправаме и да ги затвориме прашањата. Само ако отвораме прашања и дебати вонинституционално може да создадат тензии. Треба да продолжи постапката.

Иако гледаме потези кои се влечат со прекинување на постапката за носење на законот. Гледаме дека претседателот на Собранието, Гаши, има двојни стандарди во однос на свикување на седницата.

Кога е задолжувањето од Унгарија може да се свика седница на Комисијата, а кога се работи за Законот за бранители тоа не може. Двојство има и во одлучувањето. Постапката треба да продолжи согласно прописите – вели Спасовски.

Тој посочува дека кредитот од Унгарија е договорен вонинституционално, сите разговори се водени од опозиција, има сомнежи за корупција и дека парите се всушност кинески.

– Ние ги кажавме нашите аргументи зошто сметаме дека ваквото задолжување не е добро. Беше договорено вонинституционално. Вие имате партија и лидер во опозиција кој најавува и преговара дека ќе има одредено задолжување од 1 милијарда евра. Сите разговори и договори се одвиваа вонинституционално. Тоа јасно покажува, ако работите ги правите вонинституционално не се во интерес на државата, рече Спасовски.

Второ, укажувавме и на одредбите кои стојат во делот на провизиите и трошоците кои воопшто не се дефинирани во законскиот текст и можат да бидат од до одредена сума која секако може да биде коруптивна, додава Спасовски.

– Најважно е што сите сомнежи дека тоа се во суштина пари од Кина, кои ги има земено Унгарија и понатаму се пласирани во државата. И во тој аспект, сметаме дека апсолутно ниту е добро, ниту е поволно, ниту ќе допринесе за подобрување на животниот стандард на граѓаните, вели Спасовски.