Созреа ли времето социјалните партнери да си подадат рака за достојна минимална плата?

175

Најдоцна до крајот на оваа седмица треба да се донесе одлуката колкава ќе биде минималната плата во земјава, сметаат од Сојузот на Синдикатите на Македонија.

Одлуката треба да биде донесена на Економско-социјалниот совет каде што партиципираат трите социјални партнери (синдикатот, работодавачите и владата), но засега не се знае кога ќе се одржи седницата затоа што ЕСС не може да одлучува поради тоа што Владата ги повлече тројцата членови од Комисијата која одлучува за репрезентативноста на синдикатите. Според најавите, би требало на владината седница што ќе се одржи во вторник да бидат предложени тројцата  членови во Комисијата за репрезентативност.

Претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија, Слободан Трендафилов минатата недела кажа дека минималната плата треба да биде утврдена најдоцна до 15 март ако се земе предвид дека сметководителите треба да ги прават пресметките, а платата треба да биде исплатена најдоцна до 15 април.

Трендафилов минатата недела побара зголемување на минималната плата од 6.000 денари, со што таа би достигнала до 30.000 денари, а работодавачите една година да бидат ослободени од социјалните придонеси, односно придонесите да ги субвенционира државата.

– Созреано е времето социјалните партнери да си подадат рака и да го унапредат животниот стандард на работниците, но и да го сочуваат квалификуваниот кадар. Секој глас против зголемување на платите, е глас за купување билет во еден правец и напуштање на државата – рече Трендафилов.

Бизнис конфедерацијата на Македонија се залага работниците и работодавачите во секој сектор сами да преговараат за минималната плата. Ги поддржуваат работниците да се здружуваат и преку социјален дијалог да преговараат за висината на минималната плата. Сметаат дека е мудар потегот на Владата која се повлече од преговорите за минималната плата и остави синдикатите и работовачите сами да преговараат.

Премиерот Христијан Мицкоски и министерката за финансии, Гордана Димитриевска-Кочоска, изјавија дека оставаат синдикатите и работодавачите сами да се договорат за минималната плата, но беа децидни дека нема пари во буџетот за барањето на ССМ – Владата да ги субвенционира придонесите за зголемена минимална плата од 100 евра. Се согласуваат со секое решение што ќе го договорат синдикатите и работодавачите, но со целосно подмирени трошоци од страна на работодавачите. За пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Драгана Бојковска, ССМ нуди ад-хок предлог за минимална плата кој на долг рок предизвикува инфлација и не носи стабилен живот за граѓаните.

– ССМ нуди ад-хок предлог, во којшто имаме паушално зголемување на минималната плата. Ваквите понуди и решенија не носат на долг рок стабилна економија и стабилен живот за граѓаните. Неминовно е доколку имаме ситуација во којашто се субвенционираат придонеси само за една година, без притоа да бидат базирани на очигледна и реална економска логика, на долг рок предизвикува поголем и полош ефект, а тоа е предизвикување на инфлација – заклучува Бојковска.

Ако социјалните партнери не се договорат, ќе се случи законското зголемување на минималната плата од сегашните 22.567 денари на 24.400 денари.

Во регионот, во 2024, најниска минимална плата од 316 евра имаа работниците во Федерацијата Босна и Херцеговина, но тамошната влада донесе одлука минималната плата во тековната 2025 година да се зголеми на 511 евра. Косово летово го зголеми минималецот на 350 евра. Најниската плата во Албанија е околу 400 евра, а во Србија е 450 евра. Минималната месечна заработка во државите во Европската Унија се движи од 477 евра во Бугарија до 2.571 евра во Луксембург.

(С.Бл.)

ИЗДВОЕНИ