„Монографијата ‘Современа македонска фотографија – Македонска фотографија 1945-2020’ на Фотосојузот на Македонија e едно капитално дело, камен-темелник на прикажување на историскиот развој на фотографијата во Македонија, а која истовремено ја прикажува и улогата на Фотосојузот на Македонија во развојот на изложбената, уметничка фотографија. На изложбата, пак, е претставена креативната фотографија. Со оваа изложба и монографија им одаваме почит на луѓето кои ја создавале македонската фотографија низ историјата“, посочи Кирил Штрков, претседател на Фотосојузот на Македонија на отварањето на фото изложбата во Културно-информативниот центар во Скопје
Осумдесетина фотографии на македонски автори, од архивот на Фото сојузот на Македонија, се претставени во двете галерии на Културно-информативниот центар во Скопје (КИЦ). Пред присутните кои со голем интерес ја проследија изложбата, која првпат пред јавноста ја претставува современата македонска фотографија во полно светло, беше промовирана и првата монографија во која на над 200 страници се претставени 160 фотографии на 80 автори. Како што велат од Фотосојузот, монографијата е единствена од ваков вид со вовед во историскиот и креативен развој на фотографската уметност во Македонија. Поддржана е како Проект од национален интерес од Министерство за култура и претставува пресек на речиси 80-годишно творештво на автори членови на Фотосојуз на Македонија.
„Монографијата ‘Современа македонска фотографија – Македонска фотографија 1945-2020’ на Фотосојузот на Македонија e едно капитално дело, камен-темелник на прикажување на историскиот развој на фотографијата во Македонија, а која истовремено ја прикажува и улогата на Фотосојузот на Македонија во развојот на изложбената, уметничка фотографија. На изложбата, пак, е претставена не документарната, не занаетчиската, туку креативната фотографија. Со оваа изложба и монографија им одаваме почит на луѓето кои ја создавале македонската фотографија низ историјата“, посочи Кирил Штрков, претседател на Фотосојузот на Македонија, којшто следната година одбележува 80 години постоење. Тој посочи и дека КИЦ стана нивен втор дом, со оглед дека и досегашните нивни изложби се претставени токму во овој галериски простор.
Селекцијата на фотографиите, некои претставени првпат пред македонската јавност, а некои пред многу години, пак, е направена од двајцата членови на уметничкиот совет на Фотосојузот, Боро Рудиќ, и професор Цветан Гаровски. Покрај дел од фотографиите е поставена и позадината со основни податоци.
На изложбата поставена во двете галерии на КИЦ пред присутните премиерно беа претставени автентични дела од авторите: Цветко Иванов, Благоја Дрнков, Кирил Билбиловски, Лазо Величковски, Ѓорѓи Гога Попов, Живко Јаневски, Благоја Бањански, Александар Цветиновски, Ацо Кондев, Владо и Лазо Плавевски, Билјана Јуруковска, Владимир Тодоров, па сè до Боро Рудиќ, Цветан Гавровски, Душан Доцевски, Валентин Малинов, Раде Луковиќ, Драги Неделчевски, како и дела од помладата генерација автори…
„Архивот од осум децении на Фотосојузот на Македонија е единствен во рамките на Македонија и зборува за културата и творештвото во фотографијата кај нас… Македонската фотографија има историја и оваа идеја за монографија е од пред многу години. Годинава одбележуваме и 170 години на фотографијата на тлото на Македонија“, додаде Александар Кондев, еден од истакнатите македонски фотографи.
Од членовите на Фотосојузот на Македонија вчера беше упатена и критика до институциите на културата дека фотографијата се игнорира. Тие истакнуваат дека
фотографијата треба да има ист третман како и другите визуелни уметности, при што ја истакнуваат и нејзината важност во нашето културно живеење. Истовремено, посочуваат и дека една ваква монографија останува како колективна меморија и наследство за генерациите кои доаѓаат.
Инаку, Фотосојузот на Македонија е најстарата и најмасовна организација во областа на фотографијата и неодминлив дел на македонската култура и историја. Основана е во 1946 година како Кино-фото сојуз на Македонија во рамки на Народна техника, денешен Сојуз на здруженијата на техничка култура на Македонија. Од редовите на ФСМ излегоа доајените на македонската повоена фотографија, кои оставија неизбришлива трага во колективната меморија. Основана на темелите на отвореност, непрофитабилност, ентузијазам и креативност преку своите многубројни автори ги даде карактеристиките на она што се нарекува „Македонска фотографија“ , разноличност од идеи и теми, техники и пристапи… Во текот на своето постоење Сојузот организираше школи за фотографија, основаше клубови и воспостави систем на вреднување на трудовите на авторите. (Д.Т.)
Фото: Ѕ.Плавевски