Советот за надворешни работи на ЕУ вчера донесе одлуки за продолжување на економските рестриктивни мерки воведени кон Русија поради руската агресија врз Украина за дополнителни шест месеци, до 31 јули, како и за укинување на безвизниот режим за грузиските дипломати и официјални лица.
Економските санкции кон Русија поради „дестабилизирачки активности“ беа воведени во јули 2014 година и тие во моментов опфаќаат широк спектар на секторски санкции, вклучувајќи ограничувања во трговијата, финансиите, индустријата, транспортот и во трансферот на енергија, технологија, стоки за двојна намена и луксузни производи. Со санкциите е забранет и увоз или трансфер на сурова нафта и одредени нафтени деривати од Русија во ЕУ, блокирана е работата на неколку руски банки и се суспендирани акредитациите на неколку медиуми подржани од Кремљ. Дополнително, на ЕУ и се овозможува да презема и мерки против заобиколувањето на санкциите.
Министрите за надворешни работи на Унијата, исто така, донесоа одлука за суспендирање на одредби од Договорот за олеснување на визниот режим меѓу ЕУ и Грузија, со што отсега грузиските дипломати и официјални лица ќе мора да аплицираат за виза кога патуваат во земјите од блокот. Оваа одлука се однесува за членови на официјалните делегации на Грузија кои учествуваат на состаноци и други настани што се одржуваат на територијата на земја членка на ЕУ, за претставници на државните и регионални влади и парламенти, за членовите на Уставниот и Врховниот суд на земјата и за сите носители на дипломатски пасоши. Останатите грузиските државјани кои имаат обични пасоши ќе продолжат да ги уживаат придобивките од визната либерализација при краткотраен престој во ЕУ.
Одлуката е реакција на „Закон за транспарентност на странско влијание“ и законскиот пакет за „семејните вредности и заштита на малолетниците“ усвоени во Грузија минатата година, за кои ЕУ смета дека ги поткопуваат основните права на грузискиот народ, вклучувајќи ја слободата на здружување и изразување, правото на приватност, правото на учество во јавните работи и ја зголемуваат стигматизацијата и дискриминацијата. Мерката, исто така, претставува и реакција на „насилната репресија“ од страна на грузиските власти врз демонстрантите, опозициските политичари и независните медиуми, што, според Советот на ЕУ, започна откако Владата во Тбилиси на 28 ноември 2024 година објави дека нема да продолжи со отворање на преговорите со Унијата до 2028 година.