Учениците од другите заедници македонскиот јазик да го учат од првото одделение, предлага Советот за македонски јазик. Претседателката на Советот за македонски јазик Симона Груевска – Маџоска во објавата на нејзиниот профил на Фејсбук наведе дека ваков предлог е веќе доставен до надлежните органи.
-Советот за македонски јазик достави барање до Министерството за образование и наука и до Владата за промена на наставниот план по предметот Македонски јазик за учениците од другите заедници, според кој досега се изучуваше од четврто одделение со фонд од два часа неделно, што е недоволно. Бараме да се започне со учење на државниот македонски јазик од прво одделение со фонд од три часа неделно. На тој начин, ќе се подигне нивото на знаење на македонскиот јазик како државен, подобро ќе комуницираме меѓу себе и ќе го почитуваме Уставот – наведе во објавата Груевска – Маџоска.