Зелен хуман град реагира на тоа што советниците не ја изгласаа иницијативата за мораториум за внесување нови животни во Зоолошката градина.
– Со неколку исклучоци – советниците од ЗХГ, ЛДП и еден од четирите од Левица – Советот на Град Скопје ја отфрли нашата иницијатива за мораториум на внес на нови животни во ЗОО Скопје, односно гласаше како да заседава пред 100 години, а не на прагот на 2025 година – стои во реакцијата.
Тие додаваат дека во излагањата на советниците, кои беа против, биле евидентни целосното отсуство на емпатија кон животните, комплетната дисоцираност од нивното очигледно страдање и загрижувачката неможност да се разбере дека животните не постојат за да му служат на човекот за евтина забава.
Од Зелен хуман град нагласуваат дека одамна предлагаат конкретни решенија за ЗОО Скопје кои ќе бидат во корист на сите: и на вработените и на посетителите и на децата и на животните.
Според нив, само во четири чекори приказната на ЗОО Скопје може да има позитивен исход.
– Како прво, мораториум за внес на нови животни во Зоолошката градина. Со ова ќе се спречи понатамошно страдање на сите нови животни. Второ, пренесување на сегашните животни од ЗОО Скопје во земји каде што имаат драстично подобри услови за живот и земји кои се природна средина за секој тип на животно, трето, претворање на Зоолошката градина во институција за рехабилитација и вистинска конзервација на животни што живеат на територијата на Македонија. Со ова ќе се зачуваат, а и ќе се зголемат работните места во институцијата. И четврто, користење на виртуелна реалност во дел од институцијата како центар за едукација и зближување на посетителите со секаков вид на животни без тие да страдаат – потенцираат од Зелен хуман град.
Додаваат дека еден ден, како што велат не толку далеку од денес, некои од децата и внуците на денешните советници ќе се срамат од начинот на кој гласале.
-Но тој ден не е овој викенд кога е полесно да се однесат децата во затвор за животни, отколку да се отиде со нив во природа и да се учат за животните кои живеат слободно во склад со сопствените потреби – заклучуваат од Зелен хуман град.