Помошникот на украинскиот претседател Володимир Зеленски во неделата изјави дека американскиот повик до Украина да одржи избори по прекинот на огнот со Русија изгледа како „пропаднат план“ ако тоа е сè од што се состои.
Највисокиот американски функционер за Украина, Кит Келог, изјави за Ројтерс дека САД сакаат Украина да одржи избори, потенцијално до крајот на годината, особено ако Киев успее да постигне прекин на огнот со Русија во наредните месеци.
„Не го видовме целото интервју на господинот Келог, само неколку изјави за изборите, па затоа е тешко да се процени неговата позиција“, рече Дмитро Литвин, советник на Зеленски.
„Но, ако неговиот план е само прекин на огнот и избори, тогаш тоа е пропаднат план – Путин нема да биде заплашен со тоа“, изјави тој за Ројтерс.
Киев постојано зборува дека не сака прекин на огнот без безбедносни гаранции што ќе ја спречи Москва да ги зајакне своите сили и да започне нова инвазија во иднина. Изборите во моментов се забранети поради воената состојба, која Украина ја воведе по руската инвазија во 2022 година.
Литвин рече дека Украина претпочита да види подлабок пристап од официјалните претставници на клучните партнери.
„Но, се сеќаваме дека претседателот Трамп, на неговите средби со претседателот Зеленски, зборуваше длабоко и мудро за ситуацијата и за тоа што навистина може да изврши притисок врз Путин“, рече тој.