Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, заедно со младите и Првиот скопски извиднички одред, денеска на една од најфреквентните сообраќајници во Центар , булеварот „Партизански одреди“, ја реализираше акцијата „Совесен возач”, за подигнување на свеста за совесно и одговорно возење, како и за информирање на граѓаните за можноста за аплицирање за субвенции за полагање на возачки испит.
На возачите кои застануваа на семафорите им беа давани флаери и промотивен материјал со пораки за безбедно возење и со информации за јавниот повик за субвенции што е во тек.
-Ги повикувам младите да аплицираат на повикот што го распиша Општина Центар за субвенции за полагање на возачки испит. Возењето автомобил без возачка дозвола е ризик за сите учесници во сообраќајот. Затоа, како општина, со субвенција од 10.000 денари ги поттикнуваме младите да се пријават, да поминат стручна обука и на законски начин да се вклучат во сообраќајот. Безбедноста на улиците е наш приоритет – порача градоначалникот Герасимовски.
Право на субвенција имаат сите млади кои во текот на 2025 година ќе наполнат 18 години, односно се родени во 2007 година и се жители на Општина Центар најмалку една година. Субвенцијата од 10.000 денари може да се искористи исклучиво за полагање возачки испит во автошколи регистрирани на територијата на Општина Центар.