Директорот на Комисијата за односи со верските заедници, Даријан Сотировски, вчера, преку социјалните мрежи, објави дека, како граѓанин, се почувствувал дискриминирано на фудбалски натпревар на тетовскиот Градски стадион, каде што ниту се зборувало на македонски јазик, ниту се интонирала македонската химна, ниту, пак, се вееле македонски знамиња. Настанот се одржал во петокот, на 12. овој месец. Сотировски информираше дека поднел претставка, против Општина Тетово и градоначалникот, до Државната комисија за спречување и заштита од дискриминација.
– Сметам дека јас и жителите со македонска национална припадност сме дискриминирани во основ на потеклото, националната припадност и јазикот.
Имено, како граѓани, имаме рамноправно право за политиките, проектите и настаните на Општината во кои учествуваме преку плаќањето даноци, да бидеме информирани на македонски јазик. Да се чувствуваме добредојдени на настанот, нашата култура да е подеднакво претставена, покрај другите, да има и изведувачи Македонци, водителот да зборува и на македонски јазик, да се виори македонското знаме и да се интонира македонската химна. На ревијалниот натпревар да учествуваат фудбалски ветерани и Македонци и да бидат удостоени и македонските фудбалски клубови. Постапувањето на Општината е дискриминирачко и ги сегрегира граѓаните.
Убеден сум дека големото мнозинство жители на Тетово од различна припадност се согласуваат дека градот може да оди напред само кога е пријатно место за живеење на секој еден човек. Но, мора да се согласиме дека тука има и нелуѓе, и нив мора енергично и постојано да ги разобличуваме – напиша Сотировски на Фејсбук.