Познатиот сликар и хуманист, Живко Поповски- Цветин, му ја додели престижната Цветинова награда за мир на СОС Детско село. Во името на СОС Детско село, наградата ја прими претседателот на Управниот одбор, Александар Трајковски.
Исто така, во чест на посветеноста за поддршка на децата без родителска грижа, Цветин им подари на згрижувачките семејства 11 свои уметнички дела, симболизирајќи ги љубовта и мирот што им ги обезбедуваат тие на децата.
Секоја од уметничките слики што ги подари Цветин е инспирирана од темата на мирот, како универзална вредност, и од цутот на цветот, што алудира на потенцијалот што треба да бликне од секое дете со помош на силната љубов, грижата и стабилноста што ги добива од згрижувачкото семејство.
СОС Детско село, преку настанот Цветинова награда за мир, ги истакна важноста на згрижувањето и улогата што ја имаат згрижувачите во животите на децата, како идни градители на мирот.
Со доделувањето на Цветиновата награда за мир и со донацијата на уметнички дела, Живко Поповски- Цветин и СОС Детско село испратија моќна порака за значењето на заедничката грижа и одговорност за сите деца во општеството.