Царинските инспектори од мобилниот тим на Секторот за контрола и истраги спречија обид на двајца сопружници нелегално да изнесат од државава девизи во вредност од 16 илјади долари. Сопружниците, инаку македонски државјани, на излез од државата, на граничниот премин Богородица, на прашањето од мобилните инспектори дали имаат да пријават нешто одговориле дека немаат ништо.
При извршената детална контрола на возилото, во предната касета биле пронајдени 16 илјади долари. Согласно со Законот за девизно работење, на двете лица им се вратени по 2.100 долари, а останатите 11.800 се привремено одземени.
По земањето изјави од патниците, против возачот е поднесена пријава за девизен прекршок.
Ги известуваме граѓаните дека при излез од државата можат да носат ефективни странски пари во износ од 2 илјади евра од лице. Доколку изнесуваат девизи во износ од над 2 илјади евра, должни се да ги пријават на царинскиот орган со презентирање потврда од овластена банка или менувачница. Девизи во вредност од над 10 илјади евра не е дозволено да се изнесуваат.